Две бразилски момчиња на возраст од седум и девет години преживеале 25 дена во амазонската прашума, јадејќи овошје и пиејќи дождовна вода, соопштија властите.
Браќата Глауко (7) и Глејсон (9) биле пронајдени на 35 километри од местото на исчезнувањето, неухранети, дехидрирани, но инаку добро.
„Тие се неухранети и сериозно дехидрирани, во болница се , но нема опасност по нивните животи. Тие веќе полека закрепнуваат“, изјави Јанварио Карнеиро да Куња Нето, здравствен службеник во Манаус, главниот град на бразилската држава Амазонас.
Момчињата, членови на домородното племе Мура, исчезнале на 18 февруари кога го напуштиле своето село во руралната област Маникор и влегле во густа прашума во обид да ловат птици. „Тие преживеаја од дождовница и сорва, локално овошје богато со јаглехидрати“, рече Карнеиро.
Розинете да Силва Карваљо, мајката на пронајдените момчиња и нивните десет браќа и сестри, изјави за локалните медиуми дека тие биле „навикнати да јадат сорва бидејќи најстариот син секогаш носел полна вреќа со овошје кога одел на лов“.
Властите веќе престанале да ги бараат, но мештаните не се откажуваат. Случајно ги пронашол семеен пријател кој отишол во прашумата по дрва. Тој го нашол постарото момче како го носи помладото на грб, кое станало премногу слабо за да оди.
Момчињата биле пренесени во болница во Манаус, каде што се лекуваат од некои инфекции и исеченици. Нивниот случај потсетува на оној од почетокот на минатата година кога пилотот Антонио Сена преживеа 38 дена во прашумите на Амазон по падот на неговиот авион.