Зоран Михајлов
-На Параолимпијадата во Барселона 1992 година Јовановски победи во стрелање со воздушен пиштол и стана првиот наш освојувач на златен медал меѓу параолимпијците.
-Хендикепот потиснат од желбата да се чекори напред.
-Неговата мајка – најголема поткрепа да мине низ најтемните мигови од животот
Некако во сенка на Олимписките игри, непосредно по нивното завршување се одржа и Параолимпијадата на која учествуваат спортисти со инвалидитет .Во минатото, на овие игри не им се придаваше големо значење,но колку што минуваа годините тие стануваа се попопуларни, а победниците во сите спортови беа славени како вистински херои. И Македонија имаше чест во името на Бранимир Јовановски да го има првиот параолимпиец со златен медал. Тој триумфираше на Параолимпијадата во Барселона 1992 година во стрелање со воздушен пиштол. Но, до овој успех патот низ кој минуваше беше макотрпен и исполнет со многу неизвесности и искушенија. Поради хендикепот што го имаше од детската парализа која се појави уште во 11-тиот месец по раѓањето, неговата судбина како да беше предоодредена. Ќе мораше целата младост да ја мине во една борба,физичка и психолошка за да не потклекне, туку да се однесува како ништо да не се случило и да продолжи да живее како сите свои врсници. Кога веќе стана момче беше на пресвртница: дали да се повлече во еден затворен свет или пак да му пркоси на тој инвалидитет што го имаше и да се докажува на различни полиња во животот.
-Благодарејќи на големата насточивост и поткрепа што ја имав од мојата мајка,јас се решив за ова второто- да зачекорам по патот на докажувањето ,вели Јовановски. Расчистив со сите комплекси, заборавив на инвалидноста што ја имав и самоуверено тргнав напред во животот.
Бранимир Јовановски уште на 5- годишна возраст почна да ги мрда шаховските фигури. Очигледно беше талентирн за древната игра бидејќи веднаш почна да ги победува пријателите на неговиот татко! Инаку, претходно на 6- годишна возраст Јовановски почна да оди во прво одделение. Интересно е дека тоа беше пробен почеток зашто иако одеше на училиште се уште не беше запишан.
-Веројатно поради хендикепот што го имав со нозете, особено левата нога, сите се сомневаа во мојот интелектуален капацитет, па и тоа почнување на училиштето беше пробно! Дури потоа, откако со своето однесување и знаење бев и пред моите училишни другари,станав „вистински“ ученик. Повеќе не ме делеа од другите, а јас со својата настојчивост секогаш се стремев да бидам пред нив.
Бранимир Јовановски, со оглед на тоа што не можеше нормално да се движи, бидејќи одењето поради прележаната детска парализа му претставуваше проблем, потоа се определи за пинг-понгот.
-Во овој спорт нема трчање, а движењата покрај масата можев да ги изведувам и не ми претставуваше проблем навреме да го дочекам целулоидното топче,ја продолжува својата приказна Јовановски.
Два месеца во самотија!
Младоста на Јовановски беше проткаена со убави , но и тешки моменти, моменти на одлука .Убавите беа оние по победите најнапред на шаховската, а потоа на пинг-понгарската табла, а тешките беа кога за миг ќе се повлечеше во својот свет и ќе размислуваше што понатаму поради хендикепот што го имаше.
-Најтешко ми беше,кога како средношколец ќе излезев со другарите на популарното кумановско корзо – меѓу малиот и големиот плоштад. Ние најчесто стоевме на едно исто место, а девојките штеаа и вртеа кругови меѓу двата плоштада. Тогаш ме обземаше еден внатрешен револт. Често ќе се запрашав: зошто не сум како моите другари. Хендикепот што го имав ме измачуваше и ми носеше немир, па така во еден момент побегнав од надворешниот свет и се „затворив“ во себе. Цели два месеца не излегував од мојата соба. Многу размислував за тоа како да го продолжам животот? Бев разочаран, ме зафати голема криза. Но, во еден момент како да видов светлина пред мене!По двата месеца затворен во сопствената самотија,излегов од собата и со весело лице им реков на моите родители: ајде заедно да испиеме по едно кафе.Тие беа изненадени и среќни. Тоа беше првото кафе што го испив со нив. По подолго време на лицата од татко ми и мајка ми се појави насмевка, родителите бликаа од радост. Почувствуваа дека се вратив во живот,раскажува Јовановски.
Со пиштол-кон првото постигнување
В0 1984 година доаѓа до голем пресврт во спортската кариера на Јовановски. По оние пионерски и младински години кога играше шах и пинг-понг, за него доаѓа ерата на стрелаштвото во кое стигна до олимпискиот врв. Интересно е дека тој случајно дојде во стрелачкиот спорт. Имено, во екипата на Куманово недостигаа еден од стандардните стрелци,па наместо него бил земен колку да го пополни испразнетото место.
– Некое поголемо искуство немав. Затоа, некако срамежливо влегов во натпреварот во Скопје,кој беше од регионален карактер. Но, кога сака-сака, ми тргна и се случи чудо. Победив, ама не знам дали јас бев толку добар или другите беа многу слаби? Потоа дојде и републичкото првенство на кое завршив на второто место само со 2-3 круга зад победникот. Ова веќе беше сигнал дека на мене треба да се смета во иднина.
Тогаш, познатиот спортски работник Панче Пандилов кој беше задолжен во СОФК-а на Македонија за спортските активности на инвалидите, ме пријави за учество на државното првенство во Осиек во 1985 година.
-Бев возбуден, вели Јовановски. Стрелав на истото стрелиште на кое почна да ја гради кариерата светски познатата стрелачка шампионка Јасна Шекариќ. Со воздушен пиштол имав 512 кругови,што ми беше рекорд. Следната година погодив 530 кругови и бев меѓу петте најдобри во Југославија. Како награда за тоа добив пиштол за да можам да тренирам.
Следната година (1986) Бранимир Јоввановски е првак на Македонија и 4-ти во Југославија. Ова веќе беа резултати кои навестуваа дека брзо ќе стигне и до репрезентацијата.
Изоставен за Сеул 1988
Во поранешна Југославија најкваллитетните спортисти од Македонија, некако во последен момент беа изоставувани од националниот тим. Таков беше случајот и со Јовановски.
-Јас во предолимпискиот период за Сеул-1988 година, родолжува Јовановски, имав погодено 553 кругови, но од тогашниот селектор Тепавац ми беше речено дека немам исполнето норма. Дури подоцна дознав дека не само што имав-туку дури за повеќе од 20 кругови ја натфрлив нормата, која всушност изнесуваше 535 кругови.
Сеул отпадна, па на Јовановски му остана да чека нова шанса. Во меѓувреме-неправдата е исправена и Јовановски е стандарден репрезентативец. Следат настапи на големи приредби. Постигнува добри резултати,тренира по шест часови дневно. Сето тоа го прави со единствена цел – да ја дочека подготвен следната Параолимпијада во Барселона 1992 година. Таа беше шанса да покаже навистина колку вреди. И така,по турбулентните години и распадот на поранешна Југославија, доаѓа моментот кога Јовановски под знамето на Македонија на најголемиот светски собир на лица со инвалидност ќе треба да покаже колку вреди.
Моментите до триумфот во Барселона
Секој спортист на најразличен начин ги доживува моментите пред завршните настапи на најзначајните приредби. Желбата да се успее, особено кога се работи за олимписки настап, го поткрева адреналинот, а со тоа поизразена е и тремата. Во една таква ситуација секој бара начин како психолошки да се смири и да го подготви организмот за напорот што го очекува. Бранимир Јовановски барајќи начин како да се ослободи од предстартната тремата, додека притискал да го навлече чевелот на левата нога, му се обратил на одбојкарскиот ас, тогаш и потпретседател на МОК и тренер во Барселона Владимир Богоевски, кој бил покрај него, со зборовите : „Да ги победиме денеска…“ Одговорот на човекот ,кој во текот на кариерата „прогрмел“ многу вакви ситуации бил: „Па нормално ќе ги победиме“.
-Верувајте ова ми беше доволно да си помислам –ајде сега е моментот. Влегов охрабрен во стрелбата со воздушен пиштол и почнав да ги нижам деветките и по некоја десетка, вели Јовановски. Во овој предфинален настап последните три стрелби ги изведував – цели 15 минути. Се концентрирав,а поради инвалидетитетот што го имав од детстството, го наоѓав најдобриот баланс на нозете за да имам стабилност при стрелањето. Во тоа успеав и постигнав 568 кругови. Во тој момент јас и не бев свесен што сум направил, кога гледам Богоевски од трибината полета кон мене и ми довикна – тоа е светски рекорд! Дури тогаш сфатив за тоа каква е вредноста на резултатот. Но сепак работата не беше завршена, претстоеше финалето во кое влегов пред вториот со предност од 7, а пред третиот со 13 кругови. Многумина да беа на мое место ќе тактизираа, меѓутоа јас наместо тоа –тргнав во напад да нанижам што повеќе кругови и да ги декласирам ривалите. Во тоа успеав и со еден фајтерски настап стигнав до целта и до златниот медал, прв за Македонија од една Параолимпијада. Стигнуваа честитки од противниците. Прв ми пријде репрезентативецот на Ј.Кореа,кој беше втор . Тој беше свесен дека во финалето не може ништо да стори, зашто мојата предност беше недостижна. Но, од желба да нападне,му се случи спротивното толку многу потфрли и што е невообичаено за финалните натпревари имаше една 6-ка. Јас за разлика од него имав убави 9-ки, велам убави зашто тука се сметаа погодоците и во децимали.
Така, Mакедонија се радуваше на извонредниот успех на Бранимир Јовановски кој и денеска е голем промотор на спортот меѓу инвалидите. Инаку, тој учествуваше уште на три Олимпијади-Атланта, Сиднеј и Атина, имаше пласмани во финалето меѓу 8-мината, но до медал не успеа да стигне. На последните три Олимпијади, пак, во Пекинг, Лондон и Рио Да Женеиро беше во улога на тренер на Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов,кои исто така донесоа олимписки медали за нашата земја. Бикова се „позлати“ во Лондон 2012 година.