Ојани Ноа, првиот сопруг на Џенифер Лопез, за „Дејли мејл“ изјави дека се плаши дека бракот на неговата поранешна сопруга и Бен Афлек нема да потрае.
„Им посакувам сѐ најдобро нејзе и на Бен, но не сум сигурен дека ќе потрае. Џен сака да биде вљубена, но таа беше свршена веќе шест пати. Бен е нејзиниот четврти сопруг. Јас бев нејзиниот прв сопруг и таа ми кажа дека бев љубовта на нејзиниот живот. Кога лежевме во кревет на првата брачна ноќ, таа ми рече дека ќе бидеме заедно засекогаш“, изјавил Ноа.
Ојани, кој сега работи како личен тренер, ја запознал Џенифер Лопез во 1996 година, додека тој бил мигрант од Куба и работел во кубански ресторан во Мајами.
„Немав поим која е таа. Очите ни се сретнаа и мислев дека е најубавата жена што сум ја видел“, рекол тој и додал дека често се чувствувал како Пепелашка во нивната врска.
„Се вљубивме кога таа веќе беше позната. Но, за време на нашиот брак таа стана мегаѕвезда. Тешко ми беше да зборувам за тоа долго време. Сакав тивко да го живеам својот живот. Но, кога видов дека се омажи за Бен , кој е добар човек, се појавија чувства“, рекол тој.
За пејачката рекол дека таа е „традиционална девојка од скромно порториканско семејство“.
„Таа сакаше некој што ќе ја заштити, кој ќе застане зад неа. Ја напуштив работата и се преселив во Лос Анџелес. Наскоро се преселивме во нашата прва куќа, а куќите стануваа се поголеми и поголеми. Но, јас никогаш не сакав ништо од неа. Отсекогаш сум работел и сум имал свои пари“, изјавил тој за „Дејли мејл“.
Спомна и дека славата и парите ја промениле, па од Џен, како што тој ја нарекува, станала Џеј Ло. Тие раскинаа во 1997 година и останаа во добри односи уште десет години.