Голманот на ракометниот клуб Вардар, Борко Ристовски, изминатиов период често го критикуваше Перо Антиќ, првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), па во емисијата „Бекстејџ“ се обиде да го објасни зошто го прави тоа.
„Антиќ по пат како да ги изгуби човечките особини, а можеби се изгуби и самиот себе си, не знам. На големо жалење, мислам дека во последно време прави сѐ, само не дава на кошарката и спортот. Не сакам утре мојот син да има идоли како Антиќ и тоа што во моментов тој го претставува. Од големиот спортист, од врвниот кошаркар Перо Антиќ, ова сега е само бледа сенка. Да не кажувам сега за тие јавни тајни што ги знае цела Македонија, тоа си е негова работа. Мене сето тоа ми пречи само зашто тој е позната личност и идол на многу дечиња, меѓу кои може ќе биде и мојот син“, изјави меѓу другото Ристовски.