Ѕвездата на популарната серија од 90-те, „Beverly Hills 90210“, Шенон Доерти (53), поднела барање за издржување од сопругот од кој се разведува, притоа критикувајќи ги неговите потрошувачки навики.
Минатиот петок во Лос Анџелес актерката ја поднела потребната документација во која, меѓу другото, барала 15.343 долари месечен надомест.
Имено, цифрата што ја бара е всушност ретроактивна исплата од 1-ви јуни 2024 година, а освен тоа побарала и нејзиниот сопруг, фотографот Курт Исвариенко да ги покрие судските трошоци за разводот во износ од 9.100 долари.
„Поради моите здравствени проблеми, главно не бев способна да работам и немав шанси за идно вработување. Денес речиси целиот приход што го имам е заработен од работите кои ги работев уште пред бракот“, напишала Шенон.
Најголем дел од споменатите приходи доаѓаат од емитувањето на серијата „Charmed“, која својата популарност ја стекна од 1998 до 2006 година. Сепак, според нејзините зборови, нема да „капе“ уште долго од тоа.
„Неодамна дознав дека по 30-ти јуни оваа година, „Charmed“ повеќе нема да се емитува на ниту една голема стриминг платформа, што значи дека моите приходи драматично ќе се намалат“, вели актерката.
Со оглед на тоа што Шенон немала ниту една улога од 2022 година, не ѝ претстојат баш славни денови.
„Додека не бев во можност да работам, се акумулираа огромни медицински трошоци кои осигурувањето не ги покриваше. За тоа време, Курт постојано патуваше, трошеше илјадници долари по спа-центри, продавници за накит, купуваше брендови како „Gucci“ и трошеше пари на летови за својата „агентка“, додека истовремено тврдеше дека нема доволно средства за да ме издржува“, заклучила актерката.
Таа исто така додала дека „агентката“ на Курт, Колиер Грим, е всушност негова љубовница.
„Иако приходите на Курт се значително поголеми од моите, тој сè уште не платил ниту еден долар за издржување на сопружникот ниту придонеси за моите адвокати и сметководствени надомести“, вели Шенон, додавајќи дека ѝ е јасно дека Курт намерно ја одложува спогодбата со надеж дека таа нема да ја преживее бракоразводната парница.
Инаку, Шенон тврди дека за аферата на нејзиниот сопруг дознала пред операцијата на туморот на мозокот. Во премиерната епизода на нејзиниот поткаст, таа се присетила како на почетокот на оваа година истовремено се борела со ракот во четвртиот стадиум и со разводот.
„Тоа утро дознав дека мојот сопруг има афера две години, а веднаш потоа отидов на операција. Поточно, тој сакаше да дојде со мене, но во тој момент јас тоа не можев да го поднесам“, вели Доерти.
За потсетување, на Шенон првпат ѝ беше дијагностициран рак на дојка во 2015 година, а две години подоцна објави дека отишла во ремисија. Меѓутоа, нејзиниот рак се врати во 2019 година и напредна во четврта фаза, ширејќи се до мозокот.