По налог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал Бојан Јовановски, познат како Боки 13 сопственик на „1ТВ“, е задржан на испрашување. На граничниот премин Богородица тој е задржан во полициска станица поради случај кој го води обвинителството за гонење на организиран криминал. Уапсено е уште едно лице.
Од Обвинителството за НОВА објаснија дека Јовановски не е приведен, туку тие побарале да биде задржан за натамошно испрашување. Повеќе детали најавија на прес конференција во Јавното обвинителство во 16.30 часот, на која ќе се обратат јавниот обвинител на РСМ Љубомир Јовески и Вилма Русковска, Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Бојан Јовановски од минатата година е менаџер во „1ТВ“, каде како сопственик се јавува неговиот татко. Неодамна Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги покрена постапка за утврдување на вистинскиот сопственик на телевизијата 1ТВ во Скопје. Ваквата одлука на Агенцијата дојде откако неколку пати Бојан Јовановски, во оваа телевизија, но и на други медиуми изјави дека е сопственик на телевизијата.
Новинарот Бранко Героски минатиот месец објави серија текстови со измислени ликови за наводен рекет на медиумски газда врз бизнисмени и политичари. Самиот Боки 13 во интервју на телевизијата „1ТВ“ кажа дека тој се препознал во текстовите на Героски.