Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го врати Благоја Милевски во У21-тимот, на Управниот одбор (УО) кој се одржа во куќата на фудбалот. Некогашниот селектор се враќа во старото јато, а вели дека и покрај тоа што ќе има многу тешка задача со новата генерација, сепак, повик од националниот тим не се одбива.
„Ми беше важно отворено да разговараме со в.д. претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини околу репрезентативните теми и му благодарам за разбирањето и довербата која заедно со Управниот одбор ми ја укажуваат. Се радувам на новите предизвици и можноста повторно да соработуваме, останува да се договорат одредени детали за официјализирање на соработката во однос на договорот. Свесен сум за ситуацијата која е пред нас, но не се плашиме, верувам во репрезентацијата, во момците и ќе бидеме подготвени за новите предизвици. Веројатно ова е една од најтешките задачи во мојата кариера, но тука сум, повик од националната репрезентација не се одбива. Квалитет постои, знам дека можеме да успееме и не би прифатил ангажман доколку не верувам во момците и во својата работа. Се надевам дека може да направиме резултат”, изјави Милевски чије име со златни букви е запишано во историјата на македонскиот фудбал, како човек што успеал прв да однесе еден национален тим на Европското првенство.