Тешко е човек да биде шегобиец или да се обидува да ја бара „светлата“ страна на животот, кога во истиот ден во Македонија е поставен нов „црн“ рекорд. Од последиците од ковид-19 во средата починаа 51 лице, што гледано низ призмата на сите досегашни несреќи во земјава е еден од најтраорните денови во поновата историја. Реков, тешко е во тие моменти да се исмеваме, да се подбиваме и да бидеме иронични. Не дека нема на што, но наместо насмевка, на нашите лица се чита тага.
Да не бев толку тажен секако дека ќе кажев дека оние од Блумберг немаат поим, бидејќи пресметале дека имунизацијата кај нас ќе заврши за 10 години. Таму некакви „пресмешни“ новинари напишале дека во Македонија во просек се даваат по 651 доза вакцини на ден, па со тоа темпо ќе требало уште десет години за да се имунизира 75 отсто од популацијата. Тоа не е точно, бидејќи во последните три дена се дадени од 2.500 до 3.000 дози на вакцини, па според моите процени, за колективен имунитет ќе ни бидат потребни од 15 до 18 месеци, се разбира доколку пунктовите за имунизација работат во полн капацитет и во текот на викендите и празниците. Некој шегаџија сега би кажал дека е потребно на дневна основа да бидат вакцинирани по 20 илјади лица, за процесот да биде завршен за неколку месеци, што според епидемиолозите е клучен фактор, бидејќи на тој начин ќе се избегнат новите мутации на вирусот. Но, тешко е да се биде шегаџија денеска.
Има и такви што насмевката не можат да ја скријат ни кога е најтешко. Таквите би смислувале „финти“ за тоа дека Србија сѐ уште е светски лидер по вакцинирани Македонци. Не знам што им е на Србите и зошто им е битно да ни прават проблеми тука во Македонија, па да излегуваат со податоци дека досега во нивната земја се дадени 2.650.000 дози вакцини, ревакцинирани се над 1.129.000 лица, имунизирани се околу 810.000 граѓани, а вакцинирани се и околу 39.000 странски државјани. Тие „пресмешните“ од Блумберг, пак, пресметале дека во Србија имунитетот ќе биде постигнат за четири месеци, а заборавиле да пресметаат дека ако нашиот сосед продолжи да ги вакцинира и Македонците, во нашата земја процесот на имунизација ќе заврши за шест месеци!
Но, тешко е во овие мачни денови да се шегуваме со „веселата математика“ на Блумберг, бидејќи стапката на смртност во Македонија денес е поголема од времето на Втората светска војна. За време на окупацијата загинале околу 25 илјади луѓе, што значи дека во просек дневно 23 лица го губеле животот. Двојно помалку од тоа што денес се губи во болниците.
Тешко е човек да биде „шерет“ во деновите кога беше обелоденото дека 63-годишниот Златко Божинов од кратовското село Емирица почина, откако претходно од здравствените работници и роднините, пет часа на импровизирани носила го пренесувале низ тешко прооден и завеан предел до болницата.
Солзи ми капат по тастатурата, а срцето ми е скинато од болка од веста дека во Ниш почина нашиот пулмолог Анѓелко Ѓорчев. Тој беше еден од најдобрите доктори, кој има спасено безброј човечки животи. Доказ за тоа сум и јас самиот, бидејќи од неговата терапија успеав да се излекувам од бронхитисот, кој беше моето „најверно другарче“ во детството.
Пеколно е тешко деновиве да се пронајде зрак на ведрина. Човек барем за миг да се оттргне од помислата дека ги губи пријателите, роднините и своите херои од детството. Не ми помагаат ниту 250 тајни хонорарци од Владата, кои вознесени од прекупотребната веселост, сипаат оптимизам по социјалните мрежи.
Преземено од Фејсбук