Одлично издание на нашите ракометари во првиот натпревар против Јапонија, што се одигра во рамки од првото коло од групната фаза на Светското првенство во Германија и Данска. Избраниците на Раул Гонзалез ја потврдија фаворитската улога против „самураите“, играа полетно, брзо и атрактивно и на крајот триумфираа 38:29 (18:13).
За најдобар играч на натпреварот беше прогласен Стојанче Стоилов, а рамо до рамо со него беше капитенот Кирил Лазаров кој постигна осум голови, како и голманот Борко Ристовски. Впрочем, сите момци кои денеска истрчаа на паркетот во Минхен заслужија да бидат истакнати, бидејќи ја совладаа психолошката бариера од првиот натпревар, што беше особено видливо во првото полувреме. Во вториот дел нашите ракометари се ослободија во целост и заиграа како што знаат ставајќи печат на овој натпревар.
Задутре, во второто коло, Македонија ќе игра со Бахреин.