Бисера Чадловска е првата жена диригент во нашата земја и прва жена диригент вработена во Националната опера и балет. Има диригирано над 50 наслови на оперски и балетски претстави, но бројот на диригирани претстави е дури над 500-тини. На 24 февруари во НОБ прославува 20 години од нејзината кариера како диригент со операта „Боеми“ од Џакомо Пучини.
Уште во средношколските денови Чадловска сакала да стане диригент иако свирела на пијано.
„Јас тука започнав како хор мајстор. Прво работев со хорот, понатаму една по една се нижеа претставите. Мислам дека првата претстава што ја диригирав беше „Лилјакот“, тоа беше претстава за училишна програма. Потоа имав една премиера која јас за првпат ја поставив, тоа беше „Таен брак“, опера која јавноста не ја познава добро. На таа премиера дојдовме многу млади луѓе, колеги пејачи кои за првпат се појавија на сцената“, раскажа Чадловска за Репортер.
Таа го има епитетот „прва жена диригент“, и вели дека со тоа го отворила патот за нејзини колешки кои се одлучиле за професијата диригент.
„Се надевам дека на моите понатамошни колешки им го трасирав патот и полесно ќе им биде. Јас сум првата жена која активно се занимава со диригирање, пред мене имало неколку дипломирани колешки, но тие не живеат во државата“, рече Бисера.
Еден работен ден на диригентот е со набиена агенда. Одржува проби со сите ансамбли одделно, оркестарот, хорот и солистите и потоа сите заедно се спојуваат. Понекогаш таа од утро до вечер е во МОБ.
„Сум имала непријатни моменти, тоа дури и редовно се случува. Да не речам секоја втора претстава. Ми се кинела прерамка, стапчето ми паѓало, тоа не е страшно, но се случува. Нема застанување во таа ситуација, се оди напред“, раскажува диригентката.
Она што најмногу и пречи за време на концерт или претстава е гласното ѕвонење на мобилните телефони на публиката кое деконцентрира.
„Шушкање на публиката, гледањето во мобилен телефон или зборењето, знае многу да не деконцентрира. Оние кои користат телефони не ги исклучуваат пред да влезат, не разбираат колку тоа пречи и колку гласната свирка на телефонот кога ќе заѕвони во текот на концертот или претставата може да не извади од фокус во истиот момент. Може да се случи да му ја пореметите интонацијата на тој што во моментот пее или свири. Ве замолувам да ги исклучувате мобилните телефони на претстава“, вели Чадловска.
Таа вели дека секое движење на рацете на диригентот има свое значење.
„Без разлика дали е само едно броење, со се си даваме знак, со очи, со израз на лице, со рака, негогаш еден поглед е доволен. Се што прави диригентот во моментот не е ништо туку така, се си има свое значење“, вели диригентката.
Дрес кодот на концертите и претставите е црно бела облека. Она што таа го носи најчесто е нејзин личен избор, но за специјални прилики соработува со Никола Булевски, а порано соработувала со Ненад Секирарски.
„Секогаш имам елегантен фустан на мене но правам исклучок додека сум доле во школката, имам патики бидејќи не можам да издржам долго време на високи чевли. Чевлите ми стојат од страна и ги облекувам само кога треба да се поклонам“, вели Бисера.
Операта „Боеми“ со која одбележува 20 години јубилеј ја одбрала затоа што и била многу драга и голема желба да ја диригира.
„Ја поставив на сцената кога јас бев уметнички раководител на опера, меѓутоа тогаш бев со други обврски и не стигнав да ја издиригирав претставата си ветив на себе дека еден ден ќе го направам тоа. И задоволство ми е што тоа е токму сега за 20 години. Од 2018 година не е поставена кај нас на сцена и еве ја после 5 години“, вели Чадловска.