По скоро цела деценија патување, Данецот Торбјорн „Тор“ Педерсен стана првиот човек кој ја посети секоја држава во светот, без да патува со авион, пишува „Еј-би-си“.
На патувањето тргнал од својата татковина Данска, а потоа се упатил кон Германија. Патувањето го завршил пред еден месец, кога пристигнал на Малдивите. Во текот на десет години, тој поминал вкупно 359.000 километри пред да пристигне на својата крајна дестинација со контејнерски брод.
Планирал да помине во просек по седум дена во секоја земја, но завршил во Хонг Конг цели две години поради проблемите со Ковид и визата.
Во секоја земја поминувал во просек по 17 дена, а најкратката посета му била 24 часа во Ватикан.
„Морам да поминам најмалку 24 часа во земјата. Тоа што го правам не е туризам, тоа е како да трчам маратон или да одам на Месечината, тоа е достигнување. Поминувам многу време во автобуси и возови“, објасни тој.
Најдолгото патување на Педерсен биле неверојатни 27 дена на контејнерски брод од Хонг Конг до Австралија.
„Најдолгото возење со автобус беше 54 часа во Бразил. Сонцето зајде двапати за време на возењето. Попрво уживав во 27 дена на бродот, ми даде време да читам и вежбам и видовме китови. Беше прекрасно патување“.
Во 2017-та, Данецот ја посети и Македонија која била 134-та држава на неговата листа.
На Инстаграм тој сподели фотки од неколку локации, вклучувајќи ги Скопје, Валандово и Дојран.
Според неговите објави, Тор е воодушевен од македонската храна.
Патувањата на Педерсен вклучуваа 351 автобус, 158 возови, 43 тук-туки, 37 контејнерски бродови, 33 бродови, девет камиони, три едрилици, два крстосувачи, една кочија со коњи, еден полициски автомобил и една јахта. Покрај сето тоа се возел и во минибуси, мотори, такси и трамваи.
„Кога дознав дека никој во историјата не ја посетил целосно секоја земја во светот без да лета, помислив дека можеби ќе имам можност да направам нешто необично“, открива тој и додаде дека неговата авантура ја финансирала енергетска компанија.
44-годишникот бил во брак со својата сопруга една година кога си заминал, а таа одлетала да го види 27 пати во текот на деценијата. Педерсен ќе патува со три брода од Малдиви до Шри Ланка, а потоа до Германија, пред да отплови назад во Данска.
“Мојата сопруга не сакаше да ми застане на патот на ништо што сакав да го направам. Таа беше неверојатна, многу ме поддржуваше и имавме уникатни искуства заедно низ целиот свет”, рече тој, но исто така откри дека разделбите му стануваат се потешки.
Педерсен не планира да се врати на својата мината кариера и се надева дека ќе напише книга за неговата авантура.