Основачот на Мајкрософт, милијардерот Бил Гејтс, ги напиша своите предвидувања за 2024 година, спомнувајќи вештачка интелигенција, вакцини и избори ширум светот.
Минатата година, Гејтс напиша за тоа како можноста да стане дедо го натерала да размислува за светот во кој ќе се роди неговата внука, а сега кога всушност станал дедо, вели тој, повеќе размислува за светот што ќе го наследи неговата внука.
„Можам да почнам да замислувам: алатките што ќе ги користат, начините на кои ќе останат во контакт со своите најблиски, проблемите што ќе ги решат овие иновации. Сега имаме подобро чувство за тоа кои работи ВИ ќе може да ги извршува сама, а за кои ќе служи како копилот. И појасно е од кога било како вештачката интелигенција може да се користи за да се подобри пристапот до образование, ментално здравје и многу повеќе. Ова ме мотивира да се осигурам дека оваа технологија помага да се намалат ужасните нееднаквости што ги гледаме ширум светот. Отсекогаш цврсто верував во моќта на иновативноста да му понуди на секое дете еднаква шанса да преживее и да напредува. ВИ не е исклучок“ – се вели во воведот на текстот на Бил Гејтс објавен на неговиот блог.
Тој потсети дека раните години на новиот век биле такви што ретко кој имал и знаел да користи компјутер, додека сега речиси сите имаат. Кога станува збор за вештачката интелигенција, ситуацијата сега е слична, смета Гејтс, додавајќи дека човештвото е на крстопат.
„Се разбира, вештачката интелигенција е далеку од единственото нешто што ја дефинира 2023 година. Милиони и понатаму доживуваат неподнослива тага како резултат на руската војна против Украина и по војната во Етиопија. Срцето ми е скршено од континуираното страдање на Израелците и Палестинците, како и на народот на Судан. Во исто време, се повеќе луѓе се принудени да страдаат како резултат на почестите екстремни временски појави предизвикани од климатските промени. И семејствата ширум светот и понатаму се тешко погодени од зголемената инфлација и бавниот економски раст“ – истакнува Бил Гејтс.
Пред нас е време на предизвик, оценува американскиот милијардер истакнувајќи дека тој останува оптимист за иднината.
„Брзината на иновациите никогаш не била поголема. Ние правиме голем напредок во решавањето на тешките проблеми – како што се Алцхајмеровата болест, дебелината и болеста на српестите клетки – кои ќе го подобрат животот на милиони луѓе“ – истакнува тој.
Гејтс, исто така, наведува дека останува посветен на тоа светот да продолжи да прави повеќе за да им помогне на најсиромашните луѓе. Како што вели, тој е оптимист и по прашањето за климатскиот напредок во светот. Тој потоа ги објаснува причините за неговиот оптимистички поглед на 2024 година.
„Иновативноста е клучот за напредокот поради што, го основав Мајкрософт“ – истакнува Бил Гејтс.
Тој потсети дека иновациите се причината зошто нашите животи толку многу се подобрија во текот на изминатиот век.
„Денес сме далеку попродуктивни поради ИТ револуцијата. Иновациите се причината поради која нашите животи толку многу се подобрија во текот на минатиот век. Од струја и автомобили до лекови и авиони, иновациите го направија светот подобро место“ – напиша Гејтс на својот онлајн блог.
Тој истакнува дека веќе има докази дека користењето технологија може да им помогне на вработените да напредуваат. А, една од областите каде што најмногу се менуваат под влијание на вештачката интелигенција е медицината.
Иако многу се работи на развој на вештачка интелигенција која би можела да им помогне на лекарите или да ги открие симптомите на болеста уште подобро од нив, Гејтс истакнува дека голем технолошки бум во медицината може да се очекува дури на крајот на оваа деценија.
Тој наведува дека вештачката интелигенција помага во решавањето на проблемите како отпорноста на некои вируси на антибиотици и во третманот на високоризични бремености и проценката на ризикот од ХИВ.
Исто така, Гејтс очекува дека образованието може да биде и цел на вештачката интелигенција. Притоа, тој се осврнува на неговата употреба во училниците, т.е. со употреба на алатки кои можат да им помогнат на децата да го научат и да го објаснат материјалот.