Надин Насиб Назим сè уште важи за една од најубавите жени во арапскиот свет. Таа е модел и актерка, а кариерата ја започнала во 2004 година кога победила на изборот за Мис на Либан. Надин е христијанка, а родена е во мешан брак од татко христијанин и мајка муслиманка од Тунис.
По вртоглавиот успех во манекенството, Надин се осврнала кон актерството, каде уште повеќе се истакнала, за набрзо да стане една од најпрепознатливите арапски актерки, а секако и водечка во Либан. За нејзината популарност говори фактот што на „Инстаграм“ ја следат над 16,5 милиони луѓе.
Атрактивната бринета своевремено истакнала дека уште од мала сакала да стане хирург или да победи на натпревар за убавина. Откако за второто ѝ пошло од рака, за желбата да биде доктор: „Почувствував силна потреба да продолжам понатаму и да останам во центарот на вниманието. Не сакав да се вратам дома и да ги напуштам светлата на рефлекторите“, изјавила во 2019 година за „Harper’s Bazaar Arabia“.
Очигледно го избрала вистинскиот пат – критичарите велат дека е многу квалитетна актерка, а публиката ја обожува. Иако често е присутна во медиумите и радо дава интервјуа, оваа 40-годишна девојка генерално говори за своите улоги и животни ставови, а многу ретко се осврнува на приватниот живот.
Сепак, добро е познато дека зад себе го има бракот со инженерот Хади Асмар – парот бил заедно од 2012 до 2019 година и добиле две деца – ќерка и син. Нова љубов пронашла во 2022 година во бизнисменот Нарег Нарбекџијан, а парот се верил во ноември минатата година. Сепак, јавноста не знае ништо за деталите од нивната романса, иако повремено објавуваат заеднички кадри и фотографии на Инстаграм.
„Ова е мојата убавина и ќе правам што сакам со неа“
Инаку, Надин често се соочува со жестоки критики за нејзиниот физички изглед – многумина тврдат дека не одолеала на шармот на естетската хирургија и дека изгледа многу поинаку од порано. Од друга страна, таа истакнува дека не ѝ е проблем да признае дека повремено вбризгува ботокс, но дека ништо друго не коригирала. Исто така, таа навела дека луѓето не разбираат дека нејзиното лице се променило затоа што остарела, се здебелила 10 килограми и пред сè – затоа што имала седумчасовна операција на лицето по повредата за време на трагичната експлозија во пристаништето Бејрут во 2020 година.
„Се гледам во огледало и мислам како сега имам зрела убавина, зрела кожа, зрел ум, зрело тело и тоа ми се допаѓа. Ова е моја убавина, мое тело и ќе правам со него што и да посакам. Што и да направам, добро или лошо, луѓето никогаш нема да престанат да коментираат. Повеќе не сум подготвена да се правдам на луѓето. Бев тажна, но не повеќе“, зборувала неодамна актерката за арапското издание на „Vogue“, апропо критиките на нејзиниот изглед.
Надин раскажала и дека убавината не вреди ништо ако не е придружена со мудрост и убав карактер: „Убавината е мозокот. Во денешно време секој може да биде убав. Убавината сега е достапна бидејќи технологијата напредуваше и пластичната хирургија е широко застапена, па така секој донекаде може да поработи на својот изглед. Но, она што навистина ве прави привлечни е вашата личност и мозок. Еден ден ќе бидам стара и ќе бидам баба. Она што ќе го понесам со себе е она што го направив на овој свет и она што го оставам зад себе“.
Иако оваа дама е прилично сакана актерка, таа во неколку наврати се соочила со жестоки напади за отворено изразување на своите ставови за жените кои се наклонети кон традиционалната, конзервативна струја.
Имено, таа во неколку наврати потенцирала дека жената треба да остане невина додека не се омажи и дека со тој став ќе ја воспитува својата ќерка. Од друга страна, таа истакнала дека за мажите тоа правило не само што не треба, туку и не смее да важи нему бидејќи му требаат „авантури за да созрее и околината го доживува како слаб доколку не спие и не излегува со жени“, пренесува „Stateofmind13“.
Во истото интервју од 2012 година, оваа Либанка истакнала дека не се стреми да биде рамноправна со мажите: „Сакам жените да останат жени. Ако ме поистоветат со маж, би се чувствувала како маж. Сакам да останам жена“.
„Рамноправност е секој да го добива токму она што му треба, без обѕир на сите други. Слепите тврдења за рамноправност се нездрави. Жените треба да се стремат кон еднаквост“, додала таа.
Таа подоцна изјавила дека и те како ги поддржува правата на жените и дека нејзините зборови всушност промовираат родова еднаквост, но дека тие биле намерно погрешно пренесени.