Денес е нутриционистка и лична тренерка, а Адријана Де Сози која живее во Лондон, отворено зборува за својата траума што ја доживеала.
Адријана е мајка на две деца, која доживеала групно силување. Четворица мажи ја нападнале, а непријатното искуство ја довело до тоа да јаде во огромни количини и на тој начин да изврши самоубиство.
Напаѓачите никогаш не биле изведени пред лицето на правдата.
Де Сози никогаш немала проблем со тежината додека растела, сè до трауматичниот настан. Тогаш изгубила контрола над своите навики во исхраната.
„Никогаш не сум била дебела. Имав облини и бев инструкторка по зумба и држев часови по пилатес. Бев во форма и секогаш бев здрава. По силувањето се свртев кон храната, бидејќи тоа ми беше единствена утеха. Во тој период бев нападната, станав бездомничка и децата ми беа одземени“, рекла Де Сози.
„Немав време да размислувам за своите емоции, сè се случи одеднаш. Се затворив во себе и станав ладна, станав верзија од себе што не ја препознавав. Ѝ се препуштив на храната, бидејќи така сакав да извршам самоубиство. Станував сè подебела и подебела, повеќе не се препознавав себеси во огледалото. Се обвинував себеси, бидејќи мислев дека бев силувана поради мојот изглед. Брзата храна беше мојот спас“, раскажала Адријана.
По советите на лекарите, Адријана решила повторно да стане личноста каква што била, бидејќи помислата дека со прејадувањето ќе го изгуби животот и ќе ги остави децата да растат без мајка ја натерала да почне да се бори.
Решила да го оперира желудникот. На денот на операцијата имала голем страв, бидејќи мислела дека нешто ќе тргне наопаку.
„Одеднаш почнаа да ми се враќаат слики и имав желба да прекинам со лекувањето. Се сетив на моите деца и си ја вратив силата. Сакав да живеам подолго само поради нив, да бидам дел од нивното растење“, рекла Сози.
Адријана, инаку, пораснала во Венецуела, но со семејството се преселила во Велика Британија во 1996 година. Сега има две ќерки. Кога првпат забременила со ќерка ѝ Џесика, партнерот ја напуштил. Исто така, има син Алекс со друг маж, со кого не е повеќе во врска.
„Успеав да преболам сè. Се борев за себе, за своето здравје и деца. Сега сум фокусирана на себе. Не дозволувам стравот да преовлада со мене, го контролирам секој мој чекор. Гледам успех по траумата што ја доживеав. Денес сум подобра личност.
Ова патување низ кое поминав не беше само за моето тело, туку и за мојот ум. Стекнав психички мир и стабилност. Нема голема тајна во промената, треба само да размислувате позитивно и да не мислите на минатото, туку на иднината. Дисциплината е важна во животот“, заклучила Адријана.