Српскиот актер Милош Биковиќ се осврна на војната во Украина за време на гостувањето на Српската прва телевизија.
Тој рече дека војната на Русија против Украина ја смета не само за вооружен, туку и информативен конфликт.
„Војната не се води само со оружје, туку и преку информации. Штом некој побара од вас веднаш да се изјасните, тогаш се користат и информации“, рече Милош и додаде дека од јавните личности се бара да заземат одреден став во таквите ситуации.
„Не би рекол дека Путин се разбудил едно утро и решил да убива украински деца. Ние бевме жртви, но во светот нè претставуваат и како агресори. Лицемерие е овој свет во кој живееме затоа што ќе известуваме што е корисно и интересно за разговор“, додаде тој.
Тој го коментирал и влијанието на војната врз културата и уметноста.
„Културата и уметноста се единствените што можат да го поврзат целиот свет. Дури и кога има воена состојба, сепак можете да се поврзете со човек во ровот со нешто што сите го разбираме и го доживуваме“, смета актерот.
Инаку, Биковиќ минатата година доби руско државјанство, а документот го потпиша рускиот претседател Владимир Путин.
„Повеќе од седум години активно учествувам во културниот живот на Русија. Тоа за мене е благослов и извор на среќа. Благодарен сум! Од првиот ден се чувствувам прифатено во сите сфери на општеството, а сега е официјално со потпис од претседателот. Голема чест! Ќе продолжам да работам на зближување на нашите народи преку културата“, напишал тогаш актерот на Инстаграм.