Еден постар жител на Шангај по грешка бил прогласен за мртов и однесен во мртовечница, што, според Си-Ен-Ен, е најнов знак за дисфункција во градот погоден од пандемијата на коронавирус, каде што милиони луѓе сè уште се во карантин што го утврди владата.
На видеото кое го снимил случаен минувач, се гледа моментот кога неколку работници облечени од глава до пети во заштитна опрема треперат кога сфаќаат дека човекот кој го ставиле во ковчегот е сѐ уште жив.
Видеото оттогаш стана вирално на кинеските социјални мрежи.
На видеото се гледа како глава на маж, штитеник на старечки дом, излегува од жолта торба за тело додека работниците ја креваат од возило, јавува Си-Ен-Ен.
„Пратија жив човек во погребната кола и рекоа дека е мртов. Персоналот на погребната служба рече дека лицето сѐ уште се движи. Тоа е неодговорно, навистина неодговорно”, рекол човекот на видеото.
На кинеската платформа Веибо, која е слична на Твитер, многумина изразија неверување дека можела да се случи ваква сериозна грешка – особено во Шангај, кој долго време се смета за најпрогресивен и најмодерен град во Кина.
„Проблемите во Шангај овојпат се целосно разоткриени“, гласи еден коментар на Веибо.
„Ова се смета за убиство со умисла“, напишал друг корисник.
Многу други истакнаа дека човекот можел да биде погребан или кремиран доколку не бил пронајден жив.
Окружната влада реагираше на инцидентот, наведувајќи во соопштение дека постариот маж е во стабилна состојба.
Тројца службеници се отстранети од окружното биро за граѓански работи и канцеларијата за социјален развој, а сменет е и шефот на домот за стари лица.
Властите го укинале и уверението на лекарот кој бил инволвиран во случајот и кој сега е под истрага, пишува Глобал тајмс.
Со недели, карантинот во Шангај им забрануваше на жителите (25 милиони луѓе) да ги напуштат своите домови или населби, предизвикувајќи логистички хаос, а многумина се пожалија дека немаат пристап до основните производи како храна, вода и здравствени производи.
Минатата недела, властите почнаа да ги олеснуваат мерките во делови од градот каде што не се пријавени случаи во изминатите две недели.
Во меѓувреме, расте бројот на случаи на корона во Пекинг, каде училиштата, библиотеките и трговските центри се затворени.