Нина Симон беше позната како кралица на соул музиката, но според нејзината ќерка, таа не била добра мајка. Ќерката на Симон, Лиса, во интервју за „The Guardian“ открила дека таа била многу проблематична личност која се борела со депресија и алкохолизам и затоа често ја малтретирала својата ќерка единец.
„Немав среќно детство. Мојата мајка често ме малтретираше и ме тепаше, дури и во јавност. Лесно е да се изживувате врз децата бидејќи тие се мали и зависат од вас“, вака Лиса Симон ја започнала својата исповед за „мајката монструм“, како што ја нарекла Нина.
Во текот на својот живот, мајка ѝ постојано ја носела Лиса насекаде со себе низ светот, а кога ќе се побунела за тоа, таа ја тепала и ја уценувала. Кога имала 10 години, морала да започне да работи, а на 12-годишна возраст станала шофер на Нина. На 14 години, Лиса решила да побегне од дома бидејќи пејачката ја претепала и никогаш не сакала да ја поддржи својата ќерка, ниту кога започнала музичка кариера, ни кога сакала да ѝ се приклучи на американската војска. На крајот, таа ја исклучила од својот тестамент.
Во разговор за „The Guardian“ рекла дека нејзината мајка за 16-от роденден ѝ испратила честитка на која пишувало: „Го проколнувам денот кога те родив“.
Морала да започне да работи на 10-годишна возраст
Лиса започнала да работи уште на 10-годишна возраст на Барбадос, бидејќи била доволно стара за да поднесе барање за документи.
„Немав друг избор. Нина ја изгуби куќата и контролата над нејзините работи поради проблеми со судот. Замина во Либерија, на покана на музичката икона Мирјам Макеба. Тоа беше еден од најсреќните периоди во мојот живот. Одев на училиште таму и живеев во згрижувачко семејство. Но, тогаш мајка ми реши да ми се придружи и сè тргна по надолна линија. Морав брзо да пораснам“, рекла Лиса.
Во 1976 година, Нина повторно се преселила, овој пат во Женева, каде Лиса посетувала интернат. Но, Лиса наскоро се вратила во Америка и станала воен инженер, а на 29 години се откажала од тоа и ѝ се посветила на музичката кариера.
По смртта на Нина, Лиса открила дека била исклучена од тестаментот. Таа потоа поднела тужба против книговодителот на нејзината мајка, тврдејќи дека Нина ја вратила во тестаментот пред да умре. Исто така, Лиса завршила на суд со нејзиниот татко, кој тврдел дека и тој има право на одреден дел од богатството на Нина.
„Јас сум мажена и имам прекрасен однос со моите деца. Се надевам дека ќе умрам со насмевка на лицето, опкружена со семејството. Мајка ми никогаш не го доживеа тоа. Таа почина и сè уште не најде мир и љубов. Можеби, ако умееше да сака, ќе го пронајдеше својот мир“, заклучила Лиса.