Манекенката Џија Каранџи беше една од првите американски супермодели. На сцената се појави кон крајот на 70-те години и го освои модниот свет со брзина на светлината.
Модните агенти ја забележале на 17-годишна возраст и ја сметаа Џија за жена со егзотична убавина, поради што брзо стана „it“ девојка од насловните страници.
Џија пораснала на периферијата на Филаделфија. Нејзиниот татко бил сопственик на неколку ресторани, а мајка ѝ била домаќинка. Кога имала 10 години, се случил распад на семејството на Џија откако нејзините родители одлучиле да се разведат. Тогаш нејзината мајка Кетрин ја напуштила, нешто што младата убавица засекогаш ја одбележало. Се чувствувала отфрлена, а тоа било само едно камче кое ја турнало во живот полн со многу падови и премалку подеми.
Низ растењето, го обожувала ликот на музичарот Дејвид Боуви, чиј необичен и посебен стил обожувала да го имитира. Џија го сакала ноќниот живот, а излегувањата во култниот клуб „Studio 54“ ја вовеле во пеколот на дрогата во кој подоцна била заробена. По марихуана, започнала да консумира кокаин, а потоа и хероин.
Сепак, дното го допрела по смртта на својата втора мајка, агентката и менторка Вилхелмина Купер, во 1980 година, по што консумирањето на хероин прераснало во зависност. Со Џија започнувало да станува речиси и невозможно да се соработува – на снимањата имала изливи на бес, заминувала од сетот за да купи дрога, заспивала пред камерите…
Воспалените рани на рацете и трагите од игли било речиси невозможно да се прикријат, додека на некои фотографии биле видливи знаците на нејзината зависност и по ретуширањето. Фотографот Франческо Скавуло во една прилика изјавил дека за време на едно снимање на Карибите, Џија плачела бидејќи не можела да пронајде дрога.
„Буквално морав да ја ставам покрај себе во кревет додека не заспа“, изјавил тој.
Во еден момент, Каранџи станала свесна за промената во изгледот и состојбата во која дрогата ја довела, па одлучила да се пријави на рехабилитација. Сепак, без оглед на тоа што конечно свртела нова страница во животот, по излегувањето од клиниката ја дочекал ладен туш – речиси никој од познатите лица не сакал да соработува со неа.
„Она што го правеше со себе сите тие години стана очигледно и на фотографиите. Можев да видам промена во нејзината убавина. Имаше празнина во нејзините очи“, изјавил Шон Брнс, долгогодишен асистент на фотографот Франческо.
На 26 години Џија се вратила дома во Филаделфија, но ѝ се вратила и на дрогата. Таа се вработила во една продавница за облека, но за кратко време дала отказ. Започнала да се занимава со проституција, а набрзо дознала дека боледува од СИДА. Есента 1986 година Џија била пронајдена силувана на улица, по што завршила во болница, а починала еден месец подоцна како последица од болеста.
За нејзината смрт никој од индустријата не знаел, а трагичната вест предизвика шок во јавноста неколку недели подоцна кога се дозна дека починала. Имаше само 26 години…