Извесен дечко од Белград бил измамен на Кнез Михајлова откако му пришол маж кој му се претставил како „Македонец од Неапол“ и со измама му зел 100 евра. Србинот кој платил за својата наивност анонимно ја споделил оваа приказна на „Reddit“, сакајќи со тоа што ќе го раскаже сопственото негативно искуство да ги предупреди останатите да не паднат на иста или слична измама.
„Ми пријде еден човек на Кнез Михајлова и рече дека не може да подигне пари и јас да подигнам за него, а тој мене ќе ми уплати подоцна. Ми кажа дека е Македонец кој живее во Неапол – така добро ја измисли приказната, а јас, како најголема будала, поверував. Ми рече дека му испратиле пари, но како што е викенд – парите не „легнале на сметка“, па јас му подигнав 100 евра. Што е најлошо, му дадов број за да ми јави за помош доколку му затреба нешто. Ужас колку сум наивен“, измамениот Србин ја започнал својата приказна на социјалната мрежа „Reddit“.
Меѓутоа, тоа не било крајот на нивната комуникација. „Тој ме контактираше и ми кажа како случајно пратил 39.000 динари, наместо 13.000. Јас веќе почнав да ги сложувам коцките и сфатив колку сум наивен и глупав и денес повикав полиција. Тие ми рекоа да појдам во станица и да го пријавам, што за мене е 10 минути работа, а така можат да го тргнат од улиците“, продолжил да објаснува.
Многу корисници на споменатата мрежа побарале подетални објаснувања бидејќи во краткиот опис не разбрале како толку лесно бил измамен.
„Во моментот кога се разделивме – сè ми стана јасно“
„Тој го наслони телефонот и покажа како само му врти апликацијата и ништо не се случува. Рече дека тоа му е „American express“ картичка. Тогаш праша дали би можел да му помогнам, а тој да ми уплати пари. Единствено што не почекав да ми „легнат“ прво парите на сметка. Тука испаднав многу наивен.
Тука тој почна да зборува како е од Неапол, како има ресторан … Почна да ми покажува неколку слики од автомобили, часовници и слично, па ме праша мене и мојот другар дали сакаме да пиеме кафе со него. Мене ми се чинеше дека сака само да се дружи. Го зеде и мојот број да ме побара за помош доколку повторно не може да се снајде низ Белград. Подоцна ми се јави за да ми каже како случајно испратил 39.000 (3 пати пратил по 13.000, но ништо не ми стигнало).
Буквално во моментот откако се разделивме, сфатив дека ме измамил, но ми беше чудно што ликот сака да чести кафе и што беше пријателски настроен“, заклучил тој.
Многумина посакале да му пружат поддршка и да го потсетат да не биде толку строг кон себе
„Прво, не си глуп! Добар човек си, бидејќи си сакал да помогнеш на друг непознат човек во неволја. Сега си изгубил нешто, но ќе ти се врати на некој друг начин и тоа кога најмалку очекуваш. Второ, доколку мислиш дека си испаднал наивен тоа само говори дека не си расипан човек, бидејќи наивноста потекнува од добрината и всушност тоа е доблест, но кај нашиот народ се смета за маана. За Србите е подобро да си лукав, пресметан, отколку наивен“, гласел еден од многубројните коментари.
Повеќе искуства на измамени луѓе за пари
И други, исто така, имале потреба да раскажат туѓи искуства кога измамите биле во прашање и да нагласат дека сè мора да биде пријавено во полиција, бидејќи ваквите и слични работи земаат сè повеќе замав.
„Пријави. Последниве месеци засилени се измамите и не си ни свесен колку луѓето се необразовани кога станува збор за картички и онлајн плаќања. Другарка платила карти за концерт, а не видела дека претходно ги освоила гратис. Друга другарка капарисала стан во кој не влегла воопшто, а притоа сопственикот не бил во градот, туку само на збор. Колега капарисал компјутер преку „купувам-продавам“, исто така на збор, а добил расипана навигација“, открил „Reddit“ корисник.