Белград доби „Хард Рок Кафе“ (ФОТО)

by Тони Зографски

Оригинални корсети на Мадона и Витни Хјустон, невообичаени сценски чизми на Елтон Џон и инструменти на „Блек Сабат“ и други познати музичари се изложени во таканаречениот „музеј“ во рамки на новото „Хард Рок Кафе“ во Белград што се најавува како идното место за средба на обожавателите со нивните музички идоли од светската сцена. 

Во „малиот музеј“ на Плоштадот на Републиката, како што пишува „Политика“, чие отворање е најавено за неколку месеци, ќе бидат изложени 52 лични предмети на ѕвездите од светската музичка сцена. Меѓу изложените предмети се и тапани на Џои Крамер од „Аеросмит“, како и гитари на Гилби Кларк од „Ганс ен Роузес“ и Дејв Марија од бендот „Ајрон мејден“, предвесник на британскиот хеви-метал, како што вели Александар Ерцеговчевиќ.

– Исто така, има предмети поврзани со добротворната работа на музичарите. Преку примерите на Боно, водачот на составот „Ју-ту“, и Бон Џови, чија гитара е изложена, се истакнува врската меѓу музиката и општествената одговорност, што се совпаѓа и со хуманитарната работа на хард рок бендот – додаде угостителот.

Според Ерцеговчевиќ, костимот на Витни Хјустон е симбол на „златната ера“ на поп-музиката и нејзиното влијание, додека костимот на Жан Пол Готје дизајниран за Мадона е едно од најпрепознатливите парчиња во историјата на поп-културата. А пак, белиот комбинезон на Чед Смит од „Ред хот чили пеперс“, со длабоко засечени ракави за маневри на сцената, е дел од идентитетот на еден од највлијателните фанк-рок-бендови.

Натаму, сребрено-белите чизми на Елтон Џон се пример за гламурозната, спектакуларна рок-сцена чиј водечки уметник настапувал во Белград. И предметите на Витни Хјустон потсетуваат на една од најголемите вокалистки на 21 век и нејзиниот последен концерт, одржан во Белград во 2011 година.

Во таа смисла, впечатливи се и потпишаната гитара на „Металика“, предметите на Том Морел, јакна на Мајкл Џексон, гитарата „Сноугарден“ на „Блек Сабат“, како и цртежот со виолетов цвет од планината Ртањ на Наталија Рамонда којшто ја симболизира обновата и издржливоста на поп и хард-рок музиката.

останати вести