Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски, и уште едно лице вечерва со полициска придружба се спроведени на сослушување во Основниот суд Кочани.
Во Судот во Кочани тие треба да дадат исказ пред судија на претходна постапка во рамки на предистрагата на Обвинителството во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во која загинаа 59 лица.

Според информациите на Обвинителството, за ексминистерот Бектеши и за други лица ќе се бара определување мерка краткотраен притвор во времетраење од 48 часа до носење наредба за спроведување истражна постапка.
Во Судот во Кочани Бектеши беше спроведен од полициската станица „Карпош“ во Скопје, каде што се наоѓаше од вчеравечер кога беше повикан на распит.
Бектеши е приведен во врска со нелегалната лиценца за кабаре што ја имала фирмата „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани за клубот „Пулс“ – документ кој бил издаден на 13 март 2024 година, кога со Министерството за економија раководи Крешник Бектеши, а потпишан од страна на тогашната државната секретарка Размена Чекиќ-Дуровиќ.