Новиот британски министер задолжен за спроведување на вакцинацијата против коронавирус, Надим Захави, порача дека луѓето кои ќе одбијат да се вакцинираат нема да може да се вратат во нормала, односно без потврда за вакцинација нема да им биде дозволен влез во ресторани, кафулиња, кино сали и слично.
“Имунолошкиот пасош“ според британските медиуми, е клучен дел за враќање во нормален живот, што ќе им овозможи на луѓето повторно да бидат во поголема група, без рестрикции и мерки како што е физичка дистанца.
Британскиот министер со ирачко потекло и натаму инсистира дека вакцинирањето „нема да биде задолжително“, но како што и самиот истакна, невакцинираните луѓе би можеле да се најдат во еден целосно изолиран свет.
Во разговор за „БиБиСи“, Захави истакна дека статусот на вакцинација би можел да се прикажува на апликација на паметен телефон и на тој начин би се вршела брза проверка на поединци:
„Верувам дека таа апликација ќе ја проверуваат рестораните, кафулињата, кино салите, спортските локации и други места“.
Инаку, неколку големи фармацевтски корпорации во последниов период објавија голем напредок во врска со развојот на вакцина против коронавирусот и се очекува наскоро да започне процесот на вакцинација на граѓаните.