Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев во интервју за клупскиот сајт на Џенова зборуваше на разни теми од неговата кариера.
Во Џенова живееш 6 години, но си бил толку блиску од светилникот?
– Не, прв пат доаѓам. Навистина е многу убав и спектакуларен.
Твојата убава земја Македонија не излегува на море, но сигурно и вие имате некаков симбол, нешто слично како светилникот за нас Џеновезите.
– Македонија е земја на планини и има многу убави нешта. Во мојот роден град има симбол како што е овој светилник во Џенова. Се вика Св.Илија, не е голем колку светилников, но сепак ни значи многу на нас кои сме од Струмица.
Како ти е на море, навистина од кај тебе дома се слуша звукот на брановите?
– За среќа најдов куќа блиску до море и таму сум веќе пет години. Секое утро ги слушаме брановите и делува релаксирачки, не само за мене, туку и за моето семејство. Џенова е многу убав град, има и други убави работи. Убаво ни е тука и ова за мене е втор дом.
Многу места во твојот фудбалски пат излегуваат на море. Тука мислам на Специја, Анкона, Наполи, Истанбул и се разбира Џенова. Имаат според тебе сите овие места нешто заедничко?
– Па да, секој град има нешто свое. Веќе се навикнам да бидам покрај море. Климата помага и има многу сонце.
Роден си на 27 јули 1983 во Струмица, каде ја запозна и твојата сопруга Надица. Раскажи ни нешто за твојот град Струмица?
– Роден сум во мал град од југот на Македонија кој има 40.000 жители и сите се знаеме. Со Надица сме заедно од 15 години, заедно пораснавме, создадовме семејство и сме многу среќни. Сигурно дека и тие се заслужни за тоа што го направив во кариерата.
Кој ти е најубав спомен од детството?
– Мајка ми сакаше да одам во школо, ама мене тоа не ми се допаѓаше. Ја сакав само топката и секој ден бев надвор на фудбал. Најубаво и најзабавно беше кога игравме на бетон како деца.
А спомен кој не ти е баш убав?
– Можеби тоа што бев далеку од семејството, затоа што моите родители не сакаа да се преселат тука. Сакаа да останат таму каде што се родени и растени. Можеби ќе беше поинаку ако дојдеа и тие тука да живеат. Ми недостасуваат фамилијата и пријателите, но тука сум долго време и веќе сум навикнат.
Како ја освои Надица?
– Надица живееше веднаш до мојот најдобар другар со кој игравме како деца фудбал. Таа ме видела и му кажала дека сака да ме запознае. Јас бев толку болен по фудбал, што не ме интересираа ни женски. Во глава ми беше само фудбалот. Но потоа се запознавме и почнавме да се гледаме. Јас заминав за Италија, а таа остана да го доврши факултетот. Потоа почнавме да живее заедно во Италија и пред 12 години се венчавме.
Имате три деца, Филипо, Ана и Софија. Каков татко е Горан?
– Татко кој нон стоп патува со клупски и репрезентативни натпревари. Кога сум дома, сакам да сум со нив. Сите тројца се родени во различен град. Филипо во Милано, Ана во Неапол, а Софија во Џенова.
Веруваш во важност на вакцините против Ковид?
– Да, треба сите да се вакцинираме и така ќе бидеме сите по мирни. Гледам многу уплашен народ кој не знае што да прави.
Во фудбалот има и чуда. Веруваш во чуда?
– Да верувам, но повеќе верувам во работата што ќе ја оствариме. Чуда се прават, ама не секогаш.
Има еден убав филм кој се вика „Победата на Берна“ во кој се зборува за победата на Германија која после војната го победила фаворитот Унгарија на Ференц Пушкаш.
– Не, ама сум слушнав дека е многу добар.
Сега има ново чудо, она во Дуисбург. Што значеше за тебе и за Македонија победата против Германија?
– Уште не ни се верува што направивме. И тоа ги победивме на нивни терен, а 20 години немаа пораз во мундијалски квалификации. Не беше лесно, ама како што кажав ниту ние, ниту луѓето ниту во Македонија дека успеавме да ги победиме.
Ја однесе Македонија на Европско. Сонуваш ли дека ќе стигнеш и на Светско првенство?
– За мене сега е важно да одиграме добро на Европско. Знам дека сум на крајот на кариерата, но на крајот успеав да стигнам до ЕП. Сега сакам да уживам во моментот, а потоа ќе видиме што ќе се случува.
Каде се гледаш во иднина?
– Тоа е проблемот, што искрено не знам. Нерешителен сум што да правам. Сигурно дека после завршувањето на кариерата сакам да му се посветам на семејството бидејќи имав малку време за нив и да одиме на одмор. Потоа ќе видиме, мислам дека ќе останам да работам нешто во фудбалот, бидејќи тоа е единствената работа што знам да ја правам.