Ребека Варди, познатата учесничка на реалити шоуа и сопруга на фудбалерот Џејми Варди, е една од најпопуларните жени во Англија, а вообичаено е во центар на внимание поради скандалите и луксузниот живот.
Меѓутоа, познатата сопруга на фудбалерот одлучила да ја искористи својата популарност за да проговори за проблемот со кој често пати ја подигнала свеста за тоа со што се соочуваат децата ширум светот.
Имено, таа ја споделила својата исповед за сексуалното злоставување кое го доживеала како дете, додека нејзиното семејство било во Јеховини сведоци.
Ребека Варди за британски „Chanel 4“ снимила документарец во кој се нашла во улога на новинар и интервјуирала некогашни членови на таа верска група за да им се спротивстави на Јеховините сведоци.
„За мене тоа е култ“, вели Ребека за „The Mail“.
„Луѓето се манипулирани, со „испран“ мозок, однесувања на кои се принудени, а тоа се пренесува од генерација на генерација. Кога еднаш ќе наидете на тоа, тешко е да ја согледате пошироката слика – тоа е погрешно и неморално“.
Таа раскажала дека детството го поминала во страв и дека „ќе умре во Армагедон доколку не се моли доволно“. Постојано морала да го бара совршенството „за да не го налути Бог“, а кога имала 11 години ја чувствувала сета моќ која сектата ја имала над нејзиното семејство.
Следната година, како што рекла, била сексуално злоставувана во Оксфордшир, а вршителот бил човек познат на семејството којшто не бил Јеховин сведок.
Злоставувањето траело три години, а Ребека ѝ се доверила на својата мајка која им се обратила на Јеховините сведоци за да ѝ кажат што да прави. Според зборовите на Ребека, на нејзината мајка ѝ било сугерирано дека девојчето „погрешно ги протолкувало допирите како знак на наклонетост“.
„Тоа што ми се случи во детството и натаму влијае на мене секој ден. Од кога имав околу 12 години, бев злоставувана. Наместо да добијам поддршка, јас бев обвинета, манипулирана да верувам дека не е најдобро да одам во полиција“, раскажала Ребека.
„Ѝ реков на мајка ми што доживувам, а таа плачеше. Но, не ми веруваше. На многумина им кажа во заедницата на Јеховини сведоци“, вели таа.
Потоа организирала состанок на кој ѝ било објаснето дека погрешно ја разбрала наклонетоста на тој човек којшто бил нејзин злоставувач.
„Бев свесна што е исправно, а што погрешно. А, ми објасни дека можам да нанесам и срам на своето семејство“, вели Ребека.
Поради сето тоа таа почнала да се обвинува самата себе, чувствувала дека не е доволно добра и дека го заслужила хоророт низ којшто поминала како дете.
Во својот документарец, Ребека нашла слични случаи на жени кои доживеале злоставување, а заедницата не им дозволила да бараат правда. Како возрасна личност, Ребека Варди отишла во полиција, а нејзиниот злоставувач признал сè дури на судењето.
Инаку, таа со години е во брак со фудбалерот Џејми Варди кој го запознала кога била ангажирана да ја испланира неговата забава по повод 27 роденден, а се венчале во 2016 година.
Тие сега заедно живеат во големо семејство – имаат две заеднички деца.