Главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел кој стои зад стратегијата земјата да не применува строги мерки поради пандемијата на коронавирусот, призна дека требало да се воведат повеќе ограничувања за да се спречи ширењето на Ковид-19, јави денеска Би-би-си.
Со месеци Тегнел го бранеше својот пристап, поради кој Шведска не се затвори како другите земји, како поодржлив, критикувајќи ги другите за нивните премногу ограничувачки мерки.
Но, утрово во интервју за шведско радио тој се согласил дека во неговата земја дефинитивно умреле премногу луѓе.
„Кога би се соочиле со истата болест сега, знаејќи точно што знаеме денес, мислам дека би биле некаде на половина пат помеѓу она што го направи Шведска и она што го направи остатокот од светот. Дефинитивно, бевме многу лабави околу мерките“, рече тој.
Инаку, Шведска има најголема стапка на смртност во светот. Повеќе од 4.400 луѓе починале, а 38.500 се заразиле.
Данска, Финска и Норвешка заедно имаат околу 1.100 смртни случаи.