По 74 дена поминати на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, со престој на неонатолошките интензивни одделенија, предвремено роденото бебе Викторија, на 18 март замина дома во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции, ова денеска преку статус на Фејсбук го напишаа од ГАК.
„Трудницата која е прворотка беше хоспитализирана на ЈЗУ УГАК – Скопје на 27.12.2021 година. Бременоста и беше оптоварена со повеќе ризици, а породувањето се изврши спонтано.
Бебето беше родено на 04.01.2022 година, предвремено во 26 гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 700 грама, со должина од 28 сантиметри и со апгар 3/5/5. На 18.03.2022 година од Клиниката за гинекологија и акушерство беше испишано со 2200 грама телесна тежина. Во периодот на престој на нашите одделенија, новороденото имаше комплексен третман. Во интензивниот третман применета е механичка вентилациона поддршка во првите 21 ден од раѓањето.
Потоа новороденото беше ставено на кислородна поддршка со неагресивна механичка вентилација до 67-от постнатален ден, со постојан мониторинг на виталните функции и кислородна заситеност со пилсоксиметрија и гасни анализи.
На бебето му се направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и го испративме од У ГАК со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот. Новороденото беше испишано во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално“, пишува во објавата на Фејсбук.