Д-р Ричард Батиста своевремено крена прашина во текот на неговата бракоразводна парница, упатувајќи необично барање до својата поранешна сопруга. За време на процесот на развод, Батиста не ги барал вообичаените материјални работи како куќа или автомобил.
Батиста барал таа да му исплати 1,5 милиони долари или да му го врати бубрегот кој претходно ѝ го донирал. Неговото барање предизвикало шок и неверување кај присутните во судот. Ричард и неговата сопруга Донел стапиле во брак во 1990 година, имале 3 деца, но подоцна наишле на брачни проблеми, особено откако здравствените проблеми на Донел се влошиле.
Донел веќе имала две неуспешни трансплантации на бубрег пред Ричард да ѝ го донира својот бубрег во 2001 година, што го направил за да ѝ го спаси животот и, како што тврдел, да го подобри нивниот брак.
Приказната одекна на глобално ниво пред 20 години
Сепак, само 4 години по трансплантацијата, Донел поднела барање за развод. Ричард бил шокиран и ја обвинил сопругата за прељуба. Како одговор на тоа, тој побарал враќање на бубрегот или исплата од 1,5 милиони долари.
Сепак, медицинските експерти навеле дека би било невозможно и етички неприфатливо да се отстрани бубрегот од Донел, бидејќи тоа за неа би значело враќање на дијализа или дури и смрт. Роберт Вич, медицински етичар, истакнал дека бубрегот сега е дел од неа и дека неговото отстранување би било фатално.
Судот на крајот ги отфрлил сите барања на Ричард, вклучувајќи го и она најнеобичното, поврзано со бубрегот. Судијата Џефри Гроб истакнал дека обидот на Ричард да извлече пари преку разводот за бубрегот што го донирал на сопругата не само што е незаконски, туку би можел да доведе и до кривично гонење.