Патничка на крузер од Пенсилванија загинала откако била нападната од ајкула додека нуркала со своето семејство на Бахамите.
Станува збор за жена на 50-годишна возраст која била на бродот Harmony of the Seas (Кралски Кариби). Ајкулата ја нападнала во Грин Кеј, во близина на брегот на Насау, пишува CNN.
Имено, додека крузерот бил закотвен во тој град, семејството резервирало патување преку локална туристичка агенција која ги однела во популарна област за нуркање. Членовите на нејзиното семејство ја виделе како ја нападнала ајкулата и ѝ пришле на помош, но животното веќе сериозно ја каснало по горните делови од телото.
“Вработените во туристичката агенција и членовите на семејството успеаја да ја качат жената на бродот и веднаш се упатија до најблиското пристаниште, каде пристигна брзата помош. Но, таа повеќе не даваше знаци на живот”, изјавила надзорничката Крислин Скипингс.
Плажата на која се случил нападот е привремено затворена за посетители, а властите го истражуваат инцидентот, објавија американските медиуми.
Минатата година имало 73 потврдени случаи на неиспровоцирани напади на ајкули ширум светот, вклучително и 47 во САД. Не е сосема јасно зошто овие животни ги напаѓаат луѓето, но експертите веруваат дека кога видливоста во водата е мала, ајкулите ги заменуваат со некој друг плен. Знаат да гризат и кога се чувствуваат загрозени и кога се обидуваат да се одбранат.