Зимскиот распуст на учениците треба да се продолжи за две недели, а потоа децата да тргнат на училиште без маски, истакна микробиологот д-р Никола Пановски во гостувањето на Канал 5.
Тој вели дека земјава досега немала стратегија како да се справи со пандемијата, а како што посочува, сега е веќе доцна да се смислуваат нови стратегии.
– Не бидува после свадба тапани. Затоа, како што досега функционираше Комисијата за заразни болести, така нека продолжи и во иднина. Оти, во спротивно, ќе направи штета преку носење небулозни мерки како што беше носењето маска на отворено. Добро би било ако сега можат да го скратат периодот на изолација, а уште една многу важна работа што треба да се направи е да се повлечат ковид-сертификатите. Ние треба да бидеме први во светот што ќе ги повлечеме сертификатите кои се голема глупост, немаат никаков ефект и никако медицинско оправдување. Ако не можеме да помогнеме со рестриктивни мерки, тогаш треба да направиме олеснителни мерки. Тргнете ги сертификатите и одложете ја училишната година за две недели, а потоа децата да тргнат на училиште без маски на лицата – истакна д-р Пановски.