Зоран Михајлов
Маратонската трка носи многу неизвесности и никогаш не си сигурен дали ќе ја завршиш или предвреме ќе ја напуштиш патеката. Оние најиздржливите успеваат да минат низ тој пекол. Атина беше токму таква, никогаш не помислуваше на предавање, дури и кога на разбранетото море и бротчињата тешко се справуваа, таа знаеше само едно – да плива и да не се предава.
Таков беше примерот и со маратонот во Бејрут. Таму, само таа и еден натпреварувач во машка конкуренција допливаа до целта! Сите други.околу 30-тина мажи и жени се откажаа. Овој маратон имаше и своја предигра, и се како да кажуваше дека нешто непредвидено ќе се случи.
-Уште во Атина искрсна проблем со резервацијата на авионските билети. По многу перипетии и по интервенција на претседателот на Либан, конечно проблемот беше решен. Леко Радиќ кој цел ден го мина во трчање по амбасадите и агенциите можеше да здивне, конечно работата беше завршена и ние полетавме кон Бејрут. Таму, какво изненадување: претседателскиот мерцедес не пречека уште на пистата и како највисоки државници не одвезе до хотелот. Но, тука не беше крајот на либанската одисеја. Туку што заспавме околу полноќ еден од организаторите на трката почна да тропа на вратите и да не буди. Добивме информација дека за неполн час, поради временските услови, маратонот мора да стартува. Тоа беше шок за сите, но друг избор немавме. Иако уморени и ненаспани тргнавме кон стартот.
-Трката беше приказна за себе, раскажуваше Атина. Најнапред во разбранетото море се загуби кајчето со мојот тренер. Немав никаква ориентација, не знаев и дали пливам во вистинската насока, пливав на слепо. Едноставно брановите ме фрлаа таму-ваму, кога конечно по долго пливање и во една веќе панична состојба го слушнав гласот на Леко Радиќ и ја видов на 50-сетина метри светилката на неговото кајче. Бев пресреќна, можев да здивнам. Но, во тие моменти ме зафати и тешка криза од напорната борба со морските бранови, па почнав да повраќам, Сепак, тоа не беше толку страшно. Битно беше што тренерот и другиот екипаж беа тука, покрај мене. Тогаш си помислив, ако сето ова мина, тогаш без оглед на се друго што ме очекува во текот на трката ќе го надминам. И навистина така беше, пливав и само пливав. Леко ме бодреше, а по неколку часови откако морето малку се смири, а сонцето одамна беше изгреано, ми ја соопшти и веста дека само јас и еден маратонец сме во водите на Медитеранот, другите се откажале. Запливав поспокојно, гледачите на целта која беше неколку километри северно од Бејрут долго време биле тука. И тие, исто како и јас – беа упорни останаа тука да ме пречекаат и со овации да го поздрават моето пристигнување на целта по 18-часовната борба со разбеснетите води на Медитеранот. Бев истоштена, но и среќна, Награда за сето тоа што го доживеав и маките низ кои минав беше одликиувањето за храброст што го добив од претседателот на Либан. Тие денови јас бев главната спортска личност во оваа медитеранска земја, а моите слики неколку денови се наоѓаа на насловните страници од весниците. Бев славена како вистински херој.
Сето ова Атина го раскажуваше со еден занес и трепет на устата. Како повторно да ја доживуваше својата најтешка трка.
Овој настан не остана незабележан и од целокупната југословенска јавност, па тогаш дојде и онаа идеја на новинарот од Илустрована политика-Драгутин Грегориќ, да и предложи на Атина-неговиот весник и клубот Црвена звезда од Белград, да бидат спонзори за таа да го изведе големиот потфат- да го преплива Ла Манш, што е сон и желба на секој маратонец.
Идејата беше прифатена, па Атина со семејството, сега тука беше и синот Новак кој се роди во 1967 година,заминува да живее во Белград. Секојдневно тренираше со пливачите на Црвена звезда, живееше под посебен режим со специјална исхрана и редовни медицински прегледи во Спортскиот центар Кошутњак. Од ден на ден ја подигнуваше формата, а кога дојде оној врв – беше донесена одлука да се патува за Довер.
Но, Ла Манш е непредвидлив, струењето на водата е она што најмногу ги мачи маратонците, па треба некогаш долго да се чека до најпогодниот ден за препливување на каналот. Чекањето на Атина беше еден месец, за конечно на 9 септември во таа 1969 година капетанот на бротчето што требаше да ја следи – од Довер да ја префрли на францускиот брег, кај Кале, откаде требаше да заплива кон Англија. Во тоа време, за разлика од денес – не се пливаше од Англија кон Франција, туку обратно. Зошто е тоа така-дали е во прашање поповолното струење на водата, времето на доаѓањето на плимата и осеката, кој знае – тоа само пилотите на бротчињата што ги водат маратонците го знаат. Можеби тоа е и нивна тајна! Но,како и да е –Атина се фрли во водите на Ла Манш и ја почна битката со него.
И овде, како што раскажуваше имала мачни мигови, нешто слично како во Медитеранот во онаа трка кај Бејрут. Но,желбата за успех, а и фактот дека целата држава тој ден е со неа и очекува убави вести од Довер, како да и давал дополнителна сила. Леко Радиќ, кој одлично си ја знаеше својата работа беше тука, тој во најтешките моменти беше главниот мотиватор. Од него пристигнуваа сите совети…
-Сега, толку години по тој 9 септември1969 година, како да ми одзвонуваат зборовите на Леко – издржи, пливај, ти можеш, имаш сили, не се предавај. Сето тоа го слушав, но борбата беше тешка. Струите се менуваа од миг во миг, брановите час ме понесуваа, час ме сопираа, добивав впечаток како да пливам во место (ова беа зборовите на за жал починатата Атина во емисијата за спортските легенди). Не смеев да се откажам и поради моето ветување на еден парализиран повозрасен Американец, кој беше опседнат со Ла Манш. Иако во количка и тој сакаше да се фрли во водите од каналот. Пред стартот ми рече: ајде Атина, ти си силна, ќе успееш.
За нас во Македонија денот бавно минуваше, за конечно некаде во доцните попладневни часови да стигне радосната вест. Нашата хероина – Атина Бојаџи, поздравена од сирените на бродовите допливала во пристаништето во Довер. Веста веднаш ја објави Радио Скопје, а утредента и Нова Македонија и Вечер, како и сите други југословенски весници. Ваквиот подвиг со гордост беше одбележан од сите. Пристигнувањето и застанувањето на песокта на брегот најубаво е прикажан и во онаа драматична сцена од филмот „Исправи се Делфина“.
Штета, Атина денеска ја нема меѓу нас, но таа и со подвигот и со филмот посветен токму на неа – останува во вечноста.
(Продолжува)