Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска синоќа на вонредната прес-конференција поради случувањата во „Комунална хигиена“, покажа документ на кој се виде повеќе вработени лица со исто презиме во јавното претпријатие.
-Една фамилија има вработено се што му е род до шесто колено. Од една фамилија има над 40 вработувања, а од втора фамилија има над 30 вработувања и овие мафијаши повеќе нема да бидат толерирани во Градот Скопје. Се надеваме дека институциите ќе продолжат да постапуваат и дека на штета на граѓаните, повеќе никој нема да дозволи ова што се случува изминатите два дена во градот Скопје, рече Арсовска.
На листот што го покажа градоначалничката, можеше да се забележи презимето Дардишта.
Арсовска исто така обвини дека мафијашки структури неколку дена ја блокираат работата на ЈП „Комунална хигиена“ поради лични интереси.
– Се работи за лица кои повеќе од 15 години работеле само една смена и тоа трета смена во претпријатието спротивно на закон и на колективниот договор. Поголем дел од нив кои биле вработени на овој начин воопшто не се појавувале на своите работни места и не ги извршувале своите работни обврски. Сега дел од истите ја блокираа работата на комуналното претпријатие и не дозволуваат сите останатите 1.300 вработени да можат да ја извршуваат својата работа. Иако нема законски најавено штрајк, иако поголем дел од овие лица повеќе не се вработени во ова претпријатие, тие сепак извршија мафијашка блокада, рече Арсовска.
Според Арсовска, оваа ситуација ја искористиле градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ за ситни политички поени, а на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му порача дека вечерва е разобличен со тоа што сака да креира проблеми, а потоа да се претставува дека ги решава.
– Заврши времето кога овие градски претпријатија беа третирани како нечија лична и приватна сопственост и наместо во интерес на граѓаните, работеа за интересот на малкумина. И на крај сакам да му порачам на Христијан Мицкоски дека вечерва е разобличен затоа што за бескруполозноста за евтини политички поени сака да креира проблеми за граѓаните, а потоа сака да се претставува дека ги решава. Таквите политичари се најголемото ѓубре што овој град ги видел и ние вечерва со чистењето на ѓубрето ќе почнеме да ги чистиме и нив, рече Арсовска.