Лидерот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев сподели со јавноста дека од вчера, цените на производите во маркетите и продавниците повторно се зголемија и дека ова станува редовна навика. Апасиев посочува дека речиси сите намирници се поскапени. Според него, личната хигиена веќе ќе стане луксуз за дел од граѓаните.
„Буквално се е поскапено! Јајца, млеко, сирење, паста за заби, сокови, кечап, зејтин, шампони, сапуни…
Влажните марамици од 60 рипнаа на 100 денари. Тоалетната – од 95 на 140 денари! Покрај менталната, и оджувањето лична ХИГИЕНА веќе ќе стане луксуз. Сите ќе бидеме „небањати“ (коо права неутро-вмраана). Само Мицика и корумпираната свита околу него ќе си уживкаат. Ќе си тркнат пак до Јапонија на изложба, па на опера у Брисел и на концертче у Вашингтон (со приватен авион)… А вие „душмани“ – бурек и јогурт (ако има).
И пак да си ги гласате „патриотиве“. Оти ја вработија балд’ската тука у градинката. Ќути, чоек, има и бетер“, објави Апасиев на социјалните мрежи.
Почна поскапувањето. Дел од маркетите со нови ценовници. Лебот, млекото, јајцата, брашното, јогуртот, маслото за јадење веќе се продаваат без ограничени маржи. Заврши владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи на основните производи, што беше во сила од 20 февруари. Со ова, трговците повторно имаа слобода да ги одредуваат цените на повеќе од 1.000 производи.
Од Владата велат дека нема да дозволат да има трикови кај дел од трговците. Секоја манипулација, според премиерот, ќе се казнува. Христијан Мицкоски ја оцени мерката како успешна.
-Такви трикови нема да дозволиме да се случат, некој може да се обидува да се служи со такви трикови, но тоа нема да се случи. Лично разговарав со министерот и со директоорт на Државниот пазарен инспекторат за засилена контрола не само кај трговците, туку и кај дристрибутерите и производителите, да видиме да не има некои трикови кај влезните фактури, не само во однос на цените на рафтовите, рече пред неколку дена премиерот.