Антонио Димитриевски 33 години е дел од македонските медиуми. Кариерата ја почна како новинар во весникот „Млад борец“, но стана популарен во 1990те кога ја водеше емисијата „Пулсирања“ на Македонската телевизија. Работеше и на радио, а скоро десет години е уредник на порталот Вистина.мк. И по три децении откако се занимава со новинарство, Димитриевски вели дека со истиот елан и денес оди на работа.
„Луѓето имаат хоби, а јас своето го претворив во професија. Дарбата за пишување ми е наследена од мајка ми, која имала литературни амбиции, но не станала позната писателка. А кај мене цело време некако се прелеваа музиката и новинарството“, ни раскажа Антонио во разговорот за „Репортер“.
Неговите наслови напишани во рима и со доза на еротика привлекуваат внимание на прво читање.
Антонио порано пишуваше песни и за албумот „Оган под ѕвездите“ на култниот скопски бенд „Меморија“. Тој беше тапанар во првиот состав на бендот и со многу емоции се сеќава на времето кога беа меѓу најпопуларните групи во Македонија.
„Кога ги правевме песните пред триесетина години не знаевме дека тие ќе се слушаат и денес. Добрата песна го наоѓа патот до публиката. Јас одамна не свирам, и иако тоа не се заборава, не излегов со нив на бина на концертот. Но се радував како мало дете кога ги гледав од публика. И иако знаев што ќе свират следно и како ќе тече концертот, тоа чувство не се опишува“, раскажува Димитриевски.
Ретко зборува за приватниот живот, но сепак за „Репортер“ сподели по нешто за сопругата и ќерката. „Со мојата сопруга сме излегувале на исти места и така почна нашата љубов, иако таа знаеше кој сум и пред да се запознаеме“. Има и ќерка тинејџерка која ја наследила неговата дарба за пишување.
„Има осет за литература и македонски јазик, тоа ѝ лежи. Искрено, не би сакал да биде во овој еснаф. Ако реши да се бави со јавна професија ќе ѝ помогнам ама ќе бидам несреќен“, искрен е тој.
Муабетите со Антонио немаат крај. Од музичките манифестации „12 Величествени“ и „Марс“ што ги организираше, преку годините што ги помина во МРТ, каде е денес и колку е успешен во својата работа. Зошто еротиката пали и кој е Антони Димитриевски гледајте го видеото.