Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) од денеска отвора предмет по допрен глас и ќе ги проверува податоците од институциите во врска со објавени информации дека на телевизиската презентерката Бесмира Ејупи ѝ биле извршени 39 трансакции од страна на буџетски корисници, објави МИА.
Според она што беше објавено во дел од медиумите, кон Ејупи се извршени 39 трансакции од буџетски корисници и тоа од Државното правобранителство и општините Сарај, Петровец, Чаир и Брвеница.
Според податоците до кои дојде „Фокус“ од базата „Отворени финансии“, Ејупи во периодот 2021-2022 година примила средства од пет буџетски органи под ставката 425990, со која, според Правилникот за класификација на расходите, се означуваат „други договорни услуги“. Таа за нецела година инкасирала буџетски средства од скоро 12 илјади евра преку 39 трансакции реализирани во текот на ланската и тековната година.
Од Општина Брвеница тврдат дека Ејупи имала договор со нив поради потреба на општината.
Одлуката за 28 годишната презентерка да замине како дипломат во Њујорк траеше само 48 часа.Притисокот на јавноста дека таа нема доволно квалификации и не ги исполнува критериумите според Законот за надворешни работи за оваа позициија, ја принуди власта да отстапи од одлуката.
За предлогот Ејупи да биде упатена за генерален конзул, реагираше и Македонскиот дипломатски синдикат. Тие побараа да престане со вакви кандидати да се омаловажува дипломатската професија.