Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, гостувајќи во емисија на ТВ21 , синоќа откри интересен податок. Зборувајќи за пожарите во малешевијата и нивното навремено откривање, тој рече дека се размислува поставување на камери, но дека истите треба да бидат сочувани од кражби.
-Разгледуваме една можност да поставиме камери кои детектираат пожари на 20-30 километри и чад. Но размислуваме како да ги заштитиме тие камери од грабежи. Знаете, луѓето крадат сообраќајни знаци и потоа прават печки за ајвар. Затоа размислуваме како овие камери би ги заштитил – кажа Ангелов и предупреди дека согласно проценките, за еден месец ќе имаме големи поплави.
– Заедно со луѓето од проценка на ризик и загрозување заклучивме следуваат поплави во Македонија за неколку недели, можеби и за еден месец, затоа што вообичаено е после вакви суши да има поплави. Тоа не значи дека сигурно ќе има, но затоа јас сега ги предупредувам градоначалниците да засукаат ракавите и да ги исчистат каналите. Пред пожарите ги предупредив градоначалниците дека можат да се потпрат само на два хеликоптера во случај на пожар, бидејќи авионите не беа во функција. Тоа е суровата реалност.