Триша Џоунс (45) од Мисури се плашела од несаканите ефекти на вакцината против ковид-19 и решила да не се вакцинира, но во јуни се заразила со делта варијантата и починала во болницата.
Нејзината мајка Дебора Кармајкл ги повика сите кои се двоумат дали да се вакцинираат да го направат тоа.
„Таа се плашеше од несаканите ефекти. Слушате еден куп страшни приказни. Кога се вакцинирав, ми беше тешко, па таа се исплаши и испаничи. Не можев да ја убедам“, изјави Дебора во интервју за „Fox 4 WDAF-TV“.
Триша живеела во Греј Вели со две деца, вклучувајќи ја и нејзината 18-годишна ќерка Адријана, која штотуку дипломирала. Таа вели дека нејзината мајка била „нејзината најдобра пријателка“, објави „Newsweek“. Триша била хоспитализирана на 9 мај, а пет дена подоцна ја ставиле на апарати за дишење. Таа починала на 9 јуни.
За време на периодот додека била приклучена на апарати за дишење во болницата, таа не се разбудила, а нејзината ќерка седела покрај нејзиниот кревет и разговарала со неа, ѝ читала и ѝ пуштала музика.
„Имаше толку многу денови кога само ќе застанев покрај мајка ми и ѝ зборував да се разбуди. Никогаш не се разбуди… Мислам дека никој не треба да поминува низ она низ што поминавме. Особено со новиот вирус“, рече Адријана. „Многу ми недостасува“, додаде таа.
Дебора вели дека Триша, откако се заразила, ѝ признала дека имала право во врска со вакцината.
„Ми рече „Мамо, во право си за вакцината, маската, совесноста и сè“. Ѝ реков дека не сакам да бидам во право, дека сакам да биде добро. Тоа е сè што е важно“, истакна Дебора.
Таа им порача на луѓето сериозно да ја сфатат пандемијата и да се вакцинираат.
„Ве молам, сфатете го ова сериозно. Не сакате да видите сакан член на семејството како поминува низ ова“, рече таа.
„Newsweek“ наведува дека државата Мисури има една од најниските стапки на вакцинација во Соединетите Држави. Околу 56 проценти од возрасната популација примиле барем една доза на вакцина, додека 49 проценти биле целосно вакцинирани. За споредба, Мејн, Конектикат, Вермонт и Масачусетс имаат повеќе од 70 проценти од целосно вакцинираните жители.
Експертите посочуваат дека се потребни околу 70 проценти имунизирана популација за да се постигне имунитет од стадо.
Истражувањето на Галуп кон средината на мај покажа дека околу 24 проценти од возрасните Американци не планираат да се вакцинираат. Од нив, 78 проценти рекле дека е „малку веројатно“ дека ќе се предомислат, додека 51 процент изјавиле дека тоа „воопшто не е веројатно“.
Comments are closed.