Холивудскиот актер Џорџ Клуни и неговата сопруга и позната адвокатка Амал Клуни деновиве уживаат на одмор во Франција каде не успеале да им побегнат на папараците во моменти на релаксација.
Познатиот пар кој секогаш им е интересен на медиумите, престојува во Сен Тропе, а како што г-ѓа Клуни е позната како една од најдобро облечените жени на денешницата, модните портали особено се интересираат за нејзиниот летен стил.
И додека на модната сцена доминира т.н тивкиот луксуз од изминатите години, Амал не се откажува од облеката која зрачи со малку понаметлив моден израз, а пред неколку дена беше видена во винтиџ парче кое навистина остава впечаток.
Цветен мини фустан на Амал Клуни
Џорџ и Амал беа забележани на ручек во медитеранскиот ресторан Jardin Tropezina, а угледната адвокатка ја облече идеалната летна облека за романтичен состанок: бел мини фустан со цветен дизајн. Таа се одлучи за модел со тенки прерамки, кој се проширува од колковите и е украсен со реси, а има розови, портокалови и жолти цветови кои дополнително привлекуваат внимание.
Станува збор за фустан од колекцијата пролет 2004 година на модната куќа Версаче, а Амал го искомбинирала со бела чанта, голи сандали со отворени прсти и предимензионирани очила за сонце.