Зоран Михајлов
Меѓу споретистите што оставиле печат во македонскиот спорт и се издигнале до легендарните височини е одбојкарот Александар Тасевски. Тој имаше една интересна кариера и уште поинтересен спортски почеток. Откако еден период се занимаваше со ракомет, настапувајќи за младинската екипа на Охрид, мина во одбојката. „Виновник“ за овој премин од еден во друг спорт беше основоположникот на современата одбојка во Македонија легендарниот Војче Синадиновски.
-Во тоа време за младите играчи се организираа трнинг- кампови, вели Тасевски. Јас, на инсистирање на Синадиновски, бев присутен на еден таков камп во Дојран. Бев задоволен од она што го видов и доживеав, па така откако дојде понудата да се зачленам во ОК Вардар многу не размислував. Но, морам да кажам дека тоа беше направено во договор со моите родители. Војче дојде на разговор со татко ми, кој откако дозна за што се работи даде „зелено“ светло да почнам сериозно да се занимавам со одбојката. Со оваа одлука се согласи и мојот прв тренер во Охрид, популарниот Мане.
Потоа, дојде оној период на докажување. Тасевски беше талентиран, но тешко можеше да дојде до стандардно место во првиот тим, зашто конкуренцијата беше многу силна. Сепак, за него беше чест да тренира и да оди на подготовки со играчи од калибарот на Чапов, Палазов, Трифуновски, Макеларски, кои зад себе имаа големо искуство и многу прволигашки настапи.
РАЗОЧАРУВАЊЕ НА СТАРТОТ!
Но, во тоа време ОК Вардар го следеа многу турбуленции, па така во тој вртлог од настани, дојде и до смена на тренерот. Синадиновски, кој беше тренерски синоним и специјалист за откривање таленти, веќе не беше по вкусот на управата, па на негово место беше доведен тренер за кој се сметаше дека ќе биде поуспешен во работата со сениорите. -Новиот тренер, се сеќава Тасевски, не гледаше перспектива во мене и ми рече дека најдобро ќе биде да не губам време и да си најдам некој друг спорт. Бев разочаран и бидејќи во Охрид во тој период немаше одбојкарски клуб, јас повторно како на почетокот од мојот спортски живот отидов во ракометната екипа.
Војче Синадиновски разочаран од тоа што беше сменет, не можеше да се помири и тргна во нов поход. Со група ентузијасти, негови пријатели од спортот, го формираше одбојкарскиот клуб Работнички. Во него најнапред членуваа учениците од „Владимир Назор“, сега „Блаже Конески“, каде што тој беше професор по физичко. Набрзо се создаде една солидна екипа, која пројави големи амбиции во второлигашката конкуренција. Но, требаше да се бараат и засилувања. Еден од пиковите на Војче беше и Тасевски, кој набрзо се враќа во „својот“ спорт, овој пат во редовите на „железничарите“.
-Верував во себе и во Синадиновски, вели Тасевски. Дојдов во Работнички со желба да се докажам и покажам дека Вардар направи голема грешка што не ме задржа во својата средина. Мотивиран дека не бев заборавен, со поголем инает почнав да тренирам, за да се докажам и нормално дадам поголем придонес во играта на мојот нов клуб. Се создаде една квалитетна екипа, на која другите тешко можеа да и парираат, па така од Втора стигнавме во Прва републичка лига, а потоа и во Првата југословенска лига. Но за Работнички во елитното друштво не заиграв, бидејќи ја сменив клупската средина и се вратив во Вардар. Сега бев интересен за мојот поранешен клуб и неговиот тренер.
Меѓутоа, за Тасевски по доаѓањето во Вардар се јавуваат проблеми од друга природа. Работнички не му даваше исписница, па тој неколку месеци не настапуваше, туку само тренираше.
-Ова за еден млад играч е фатално, но јас издржав и го чекав моментот кога конечно ќе заиграм за Вардар.
ПОСЛЕДНАТА КОЦКА ВО МОЗАИКОТ
Откако ја издржа казната заради преминот од еден во друг клуб, Тасевски во 1975 година почнува со своите настапи во Вардар. Тој, како што вели самиот, беше последната коцкичка за да се склопи мозаикот во создавањето на тим со шампионски претензии. Вардар предводен од Таки Џиков, чии квалитети беа неоспорни и потврдени со тоа што стана тренер на младинската, а потоа и на сениорската репрезентација на Југославија, почна да ја најавува својата желба за високи дострели.
-Уште од стартот во сезоната 1975/76 беше јасно дека ќе атакуваме на висок пласман, вели Тасевски. Имавме добро вкомпонирам тим, во кој главен адут беше Богоевски. Тој истата година како капитен на Југославија го освои бронзениот медал на Европското првенство, што се одржа во Југославија (Скопје-квалификации, Белград-финале). Неговото присуство во тимот беше од големо значење, зашто кон него сите противници гледаа со голем респект. Тука беше и искусниот долгогодишен капитен на екипата Трифуновски, потоа Зафировски, Србиновски, Кузмановски, Докузовски, Мојсовски, Макеларски, Петковски, сите играчи со врвни одбојкарски квалитети. Нормално во една таква ситуација, кога се има еден толку силен состав посакувавме постигнување врвен резултат. Тој резултат ќе значеше заокружување на кариерата на поискусните, а нам – на помладите ќе ни отвореше нови перспективи во светот на одбојката. Тоа сите го знаевме и затоа беспоштедно влеговме во борба со најквалитетните југословенски тимови, какви што беа Црвена Звезда, Партизан, Младост, Кварнер, Војводина и Јединство.
Патот до титулата не беше лесен. На три кола пред крајот бевме први на табелата и на двете следни гостувања во Стара Пазова и во Нови Сад ни беше потребна една победа за да ја обезбеди шампионската титула. Но, кога некогаш среќата ќе го заврти грбот, тогаш ништо не оди. Ги загубивме двете средби, па Ц.звезда не стигна и имавме исто бодовно салдо. Ние во последното коло го победивме ГИК Банат со 3:1, а Звезда за големо изненадување загуби од Партизан. Тоа значеше титула за нас, без да играме мајсторка. Доколку Звезда, која беше апсолутен фаворит, победеше, тогаш ќе имавме ист број бодови и ќе разигрувавме со неа за шампионската титула. Вака Партизан ни заврши голема работа и ние ја освоивме титулата во регуларниот тек од прволигашките натпревари.
Благодарејќи на освојувањето на титулата Вардар учествуваше на европскиот фајнал-фор во Пиексамаки-Финска. Овде со малку поголема среќа можеше да се стигне и до финалето, но на крајот Вардар мораше да се задоволи со третото место, што исто така пртетставуваше голем успех. За прв пат една македонска екипа се вмеша во борба за европската титула.
Следната голема клупска радост Тасевски и неговите другари ја доживеаја во 1979 година, кога го освоија Купот на Југославија.
СТАНДАРДЕН РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ
По овој успех на Вардар, дојдоа и најубавите репрезентативни години за Александар Тасевски. Тој брзо стигна до сениорската репрезентација, во која во следниот период oд 8 години неговото место секогаш беше загарантирано. Тој беше значајна карика во составот, кој со резултати и високи пласмани стигна и до Олимпијадата. Тасевски со своите игри и некои карактеристики што ги имаше тој, а ги немаа другите играчи, стана еден од најценетите и најпочитуваните одбојкари-не само во Југославија, туку и надвор од неа. Беше играч што го посакуваше секој тренер.
-Своето деби во националната селекција го имав во 1976 година на силниот турнир во Москва, на кој покрај домаќинот, учествуваа уште одбојкарските велесили Куба, Романија, Бугарија и Италија. Потоа настапив на уште два турнира, но на Балканијадата во Приштина не бев во составот. Затоа пак од 1977 до 1980 година бев еден од најстандардните и во тој период учествував на две европски првенства, од кои на она во Франција во 1979 година се закитив со бронзениот медал. Истата година бев во составот што триумфираше и го освои „златото“ на Медитеранските игри во Сплит.Круна на моите репрезентативни настапи беше Олимпијадата во Москва 1980 година. И овде, како на претходните приредби на кои што учествуваше репрезентацијата на Југославија, во составот покрај мене беа Богоевски и Србиновски, а како тренер и натаму беше Таки Џиков.
Треба да се спомене дека во меѓувреме тој со репрезентацијата освои и осум медали од Балканијадите.
Тасевски од сите овие настапи посебно одделува два меча – еден на Европското првенство во Франција против тогашниот СССР и вториот на Олимпијадата во Москва против Романија.
-Првиот ќе остане запаметен и кај пошироката одбојкарска јавност по фактот што никогаш дотогаш, како ние не и дал таков отпор на советската репрезентација. Дури во петтиот сет, кој Советите го добија во игра на разлика со 18:16 стигнаа до победата! Овој меч беше врвна претстава, во која се водеше голема борба на секој дел од теренот. Новинарите тогаш напишаа дека СССР никогаш не бил толку немоќен како во мечот со Југославија. Но, тоа беше мала утеха за нас, бидејќи сепак не победивме. Вториот меч, олимписки, што ќе го паметам е по големата судиска кражба. Иако бевме подобри од Романците не можевме никако да дојдеме до победата. Откако го добивме првиот сет и поведовме во вториот со 10:7, на сцена стапија судиите, кои почнаа да не „сечат“. Ни стана јасно дека овде нема што да бараме, беше очигледно дека во полуфиналето мора да стигнат четири селекции од земјите од Источниот блок. На крајот и така беше, во борба за медалите останаа СССР, Романија, Полска и Бугарија. Ние од кандидати за медал, завршивме на шестата позиција. Но, горд сум што низ борба и со презентација на висок квалитет стигнавме до олимписката арена.
По ОИ во Москва еден од нашите најдобри одбојкари и спортисти воопшто -Александар Тасевски оди на отслужување на воениот рок, а потоа кариерата ја продолжува во Италија. Овде тој настапуваше за Падова и Тревизо, за кариерата да ја заврши во 1989 година, откако три години едноподгуго ги бранеше боите на Мантова. И таму остави печат, кој и многу години потоа не може да се избрише. Токму во тоа е големината на вистинските спортски звезди.
Лична карта-Александар Тасевски
Роден 1953 година во Македонски Брод
Кариера: ОК Работнички, Вардар, Падова, Тревизо, Мантова, репрезентација на Југославија
Успеси: Златен медал од МИ во Сплит 1979, трето место на ЕП во Франција -1979, шесто место на Олимпијадата во Москва 1980 година, со Вардар шампион на Југославија 1976 и куп-победник во 1979 година, трето место во Купот на европските шампиони во Финска
Тренерска кариера: ОК Вардар, Будва, повеќе клубови во Иран, Катар, Бахреин, ОАЕ, Саудиска Арабија, селектор на репрезентаацијата на Македонија.