Зоран Михајлов
Низ македонската кошарка минале многу имиња, кои помалку или повеќе оставиле печат во овој спорт. Меѓутоа, едно име никогаш нема да избледнее и останува запишано во нашите спортски легенди. Тоа е Александар Књазев кој се појави на сцената во 1955 година, за потоа целиот живот до ден денеска да остане верен на кошарката. Едноставно таа стана негов живот, негово секојдневие. Неговиот кошаркарски пат е интересен и поради фактот што тој ги поврзуваше оние постарите генерации, кои први почнаа да се занимаваат со овој спорт непосредно по Втората светска војна, со оние кои во 60-тите години од минатиот век успеаја да се пробијат во врвот на југословенската кошарка.
-Сакав да станам фудбалер и постојано бев тука на помошното игралиште на Вардар, до стадионот, каде што беше лоцирано и кошаркарското игралиште. Еден ден, бидејќи постојано се вртев тука, тогашниот тренер на КК Вардар, Драгослав Лазиќ, кој е еден од основоположниците на македонската кошарка, ме повика да пополнам едно место во тимот на некој од играчите што не дошол на тренинг. Јас тоа со задоволство го прифатив, зашто некако и јас посакував да играм кошарка, па често кога ќе начекав шанса ја уфрлував топката во кошот. Лазиќ беше изненаден од она што го покажав на овој за мене неочекуван прв тренинг, и веќе од тој момент кошарката стана дел од мојот живот – вели Књазев.
ПРЕМИН ВО РАБОТНИЧКИ
Књазев остана во Вардар една година, за подоцна кариерата да ја продолжи во тогаш најпопуларниот кошаркарски клуб во Македонија, Работнички.
-Мене и во Вардар ми беше убаво, станав стандарден во првиот тим во кој бев и најмлад. Меѓутоа, сите мои другари од маалото и од училиштето тренираа во Работнички, па на нивно инсистирање и јас се преселив тука, каде продолжив да тренирам под водството на Стефан Тодоровски-Цефи.
Књазев уште повеќе да се „запали“ за кошарката придонесе и настапот на државното младинско првенство во Белград.
-Се играше на земјениот терен на Црвена звезда на Калемегдан. Ние допатувавме како аутсајдери, но на крајот се најдовме на третото место од победничкиот пиедестал. Тоа беше изненадување за кошаркарскиот свет и веќе кон нас почна да се гледа со поинакви очи и со многу поголем респект. Како резултат на тоа во 1958 година дојде покана – јас, заедно со Драгољуб Лазов и Жарко Ѓуковиќ, бидејќи Работнички беше клуб на железничарите, да настапиме за железничарската репрезентација на Југославија на Европското првенство во Брисел. Веќе не бевме анонимни. Тоа беше и голем поттик за сите во Работнички да се стремиме кон уште поголеми постигнувања – продолжи популарниот Ацика.
Во тој период Књазев е алфа и омега во Работнички. Тој со своите игри и мајстории под кошевите ги воодушевуваше гледачите. Стана нивни миленик и кога беше најтешко сите спасот го бараа кај него. Беше вистински виртуоз на теренот, кој во еден момент имаше по неколку решенија со што често ги доведуваше во очај противничките играчи.
-Бев амбициозен и кога веќе кошарката стана мое секојдневие, сакав уште повеќе да напредувам. Затоа, речиси преку целиот ден бев на отворениот терен кај сегашната сала на Работнички. Во тој период ги фрливме во сенка другите клубови, а учествувавме и во квалификациите за влегување во Првата лига.
ПРЕДВОДНИК НА ШАМПИОНСКАТА ГЕНЕРАЦИЈА
Квалификациите во Скопје покажаа дека Работнички е блиску до она што значеше југословенски квалитет. Затоа, апетитите пораснаа и се очекуваше само мигот кога ќе се изведе тој решавачки скок –тимот да се најде во елитата. Но, како што често се случува, кога најмногу очекуваш се случуваат непредвидени работи, кои ја разнишуваат целата атмосфера. Така, кога Лазар Лечиќ се врати од школувањето во Белград и заедно со Цефи застана на кормилото на Работнички, во 1963 години Скопје беше погодено од катастрофалниот земјотрес. Оваа трагедија целосно го промени животот во градот.
-Сакајќи да напредувам во кошарката, по земјотресот отидов во Црвена звезда во Белград. Но, таму останав малку, не дека не можев да се адаптирам, туку не можев да ја одбијам поканата од Лазо и Работнички да се вратам во клубот и да му помогнам во квалификациите за Првата лига во Велење.
На тие квалификации Работнички уште еднаш покажа дека располага со квалитет, но Сплит (подоцна Југопластика) во чиј состав се наоѓаа легендарните Сканси и Рато Тврдиќ едноставно беше непобедлив. Оттогаш сплитскиот тим тргнува по нагорна линија и двеипол децении подоцна стигнува дури и до европската титула, а Работнички ја чека новата шанса.
(Продолжува)