Албанското обвинителство поднесе обвинителен акт против три лица поради сомнение за брутално убиство на Мендух Курти Деда (61) поради наводен долг од 10.000 евра.
Обвинителството во Тирана соопшти дека за кривичното дело се обвинети познатиот хуманитарен работник Марјета Карај, нејзиниот сопруг Бесмир Карај и неговиот пријател Газмир Нгота, за кои се верува дека извршиле убиство со умисла.
– На 16 мај 2017 година во предградието на Тирана беше пронајдено машко тело, а обдукцијата утврди дека се работи за Мендух Курти Деда. Во истрагата било утврдено дека Марјета Карај, вработена како секретарка во невладина организација, била во постојан конфликт со жртвата околу финансирањето и управувањето со организацијата – се наведува во обвинението.
Се сомнева дека Карај и неговиот пријател Нгота, на барање на Марјета, жртвата ја ставиле во автомобил и го однеле во село во предградието на Тирана.
– Го врзаа оштетениот и се обидоа да го натераат да го врати долгот што Марјета тврдеше дека го има Деда. Кога Деда упорно негирал дека ѝ должи нешто на Марјета, двајца мажи жив го запалиле – се наведува во обвинението.
Обвинителството вели дека Газмир Нгота ја признал вината и покажал каење и дека е подготвен да стане сведок соработник во случајот. Медиумите јавуваат дека несреќниот Деда бил идентификуван со помош на ДНК примерок земен од стапалото на жртвата, кое не било целосно уништено во пожарот.
Марјета Карај е директорка на Центарот „Помош и грижа за сираците на војниците во земјата и странство“.
На 10 јуни минатата година, Карај се сретнала со Илир Мета, кој тогаш сè уште беше претседател на Албанија, и кој ѝ додели благодарница за нејзиниот придонес во организацијата.
Во организацијата што заедно ја основале, работеле Марјета Карај и Мендух Курти-Деда, а наводно како дел од тоа имало и долг од 10.000 евра.
Полицијата ги уапси Марјета Карај и Газмир Нгота, а по Бесмир Карај се уште се трага. Се сомнева дека е во Италија.