Култниот стрип „Алан Форд“ го слави 50-от роденден. Приказна во стрипот ги следи авантурите на тајните агенти од групата ТНТ (Број еден, Алан Форд, Боб Рок, Сер Оливер, Грунф…) чие седиште се наоѓа во една цвеќарница во Њујорк. Иако овие агенти се неспособни и мрзеливи, сепак кога станува збор за нивните сопствени интереси тие се интелегентни и итри, и секогаш го добиваат тоа што го сакаат.
Стрипот создаден од авторскиот пар – сценаристот Лучијано Секи и илустраторот Роберто Равиола, кои беа познати под псевдонимите Макс Банкер и Магнус, во Италија почна да се издава во мај 1969 година, а стекна култен статус на просторот на поранешна Југославија, каде што почна да излегува во 1972 година.
Во Македонија првите достапни изданија на „Алан Форд“ беа на српскохрватски јазик, во издание на „Вијесник“ од Загреб, во седумдесеттите години на минатиот век, а од септември 2008 година, стрипот почна да излегува и на македонски јазик.