Актерот Нил Мекдона одбива да учествува во какви било интимни сцени во својата актерска работа, па дури одбива и да се бакнува, пренесува „Unilad“.
Многу ѕвезди имаат одредени правила и сцени кои не сакаат да ги снимаат или клаузули во нивните договори на кои не се согласуваат. Мекдона истакнува дека одбива сцени со бакнување поради неговите верски убедувања.
„Јас сум многу религиозен. На прво место ги ставам Бог и семејството, а на второ се ставам себеси. Тоа е она по што се водам“, порачал актерот.
„Мислеа дека сум верски фанатик“
Актерот вели дека е многу среќен со неговата сопруга Руве Мекдона и семејството. „Нема да бакнам ниту една друга жена бидејќи овие усни се само за една жена“, вели тој. Нил тврди дека бакнувањето со друга жена на филм за него би било неверство.
Неговото одбивање да снима интимни сцени претходно претставувало пречка во неговата кариера. Зборувајќи за „Closer Weekly“, тој се присетил дека бил отпуштен од серијата „Scoundrels“.
Мекдона и неговата сопруга првпат се запознале на снимањето на серијата „Band of Brothers“, а за Мекдона тоа било љубов на прв поглед. Парот има пет деца.