Актерката и поранешна градоначалничка на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец синоќа е пронајдена мртва во нејзиниот дом, потврдуваат од МВР.
„Неофицијално, од извори на истрагата дознаваме дека е најдена обесена во бања во стан во центарот на Скопје. Смртта ја пријавил член на семејството околу 22.40“, објави порталот СДК.мк.
Беличанец беше градоначалник на скопската општина Кисела Вода од 2013 до 2017. Нејзини последни претстави се “Господа Глембаеви”и “Последните Македонци” во матичниот Драмски театар.Препознатлива беше по улогата на Туфи во серијалот за деца „Здраво генијалци“ од 90тите.
Беличанец е родена на 25 јули 1973 во Скопје. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија. Во 1997 година се вработила во Драмски театар – Скопје.