Македонската фудбалска репрезентација е пред нов историски подвиг, откако со победа во недела над Исланд го обезбедуваме второто место во групата Ј во квалификациите за Светското првенство во Катар следната година и првпат влегуваме во баражот за најважното фудбалско натпреварување на светот.
Доколку го победиме Исланд, сигурно сме втори во тешката група пред Романија и Ерменија, но, дури тогаш следува најтешкото.
Во овие квалификации, сите 10 второпласирани екипи во 10-те европски групи влегуваат во таканаречената „втора рунда“. На овие 10 репрезентации ќе се додадат и уште две репрезентации од Лигата на нации на УЕФА, кои нема да обезбедат место преку групните квалификации.
Најдобрите шест второпласирани во групните квалификации, потоа ќе бидат одредени како носители, а 12-те репрезентации ќе бидат поставени во „три патеки“ на ждрепката на 26 ноември. Шесте носители ќе бидат поставени во полуфиналето како домаќини на мечевите, а победниците на полуфиналињата ќе одат во три посебни финалиња.
Односно, за Македонија, најверојатно ни следува гостување кај еден од носителите во полуфиналето на баражот, а потоа по евентуална победа и дуел со уште една репрезентација (домаќинот ќе се одреди со ждрепка). Полуфиналните мечеви ќе се одиграат на 24/25 март, додека финалето би се играло на 28/29 март 2022 година.
За потсетување, во моментов на второто место во групите, то ест, наши потенцијални противници се – Србија, Шведска, Швајцарија, Шкотска, Полска, Хрватска (како носители). Други второпласирани покрај Македонија кои не би биле носител и се Чешка, Норвешка и Украина. Со пласман како досега, Австрија и Велс би добиле место преку Лигата на нации и исто така не би биле носители. Секако, конечниот изглед на табелите ќе се одлучи во следните денови и така може да се добијат и потенцијалните противници на Македонија.
Фото: ФФМ
Текстот е превземен од МАКФАКС.