На социјалните мрежи деновиве масовно се шират огласи за сезонски работници во земјите во регионот. Се бараат работници за разни занимања, од овчари до берачи на малини, но хит се вработувањата во туризмот. Во некои земји, како во Црна Гора, се страхува дека летната сезона може да биде доведена во прашање, ако не се обезбеди прилив на работна сила.
На црногорското и на хрватското приморје, но и во Грција, се бараат келнери, готвачи, помошници во кујна. трговци на пазар и работници од многу други струки од областа на угостителството и туризмот.
„За жал оваа сезона ќе пропадне ако немаме странски работници. Во моментов, немаме можност да платиме домашна работна сила, бидејќи готвач, на пример, бара од 2.000 до 3.000 евра“, вели претседателот на Асоцијацијата на хотели на Црна Гора, Никола Пејовиќ.
Така, на Црногорското приморје се платата за келнер се движи од 700 евра нагоре, додека за работа во маркет може да се добие околу 550 евра. На готвачите им се нудат плати од 800 евра нагоре, додека помошници во кујна се бараат за плата од околу 600 евра па нагоре. Работното време е до 9 часа дневно, а на работниците им се обезбедува сместување и два оброка.
Но, добро упатени извори велат дека платите непосредно пред сезоната ќе пораснат, бидејќи сезонците кои порано често доаѓаа во Црна Гора и во Хрватска, сега бегаат кон Италија, Шпанија и кон Дубаи. Сигурно дека оваа летна сезона на Јадран ќе се вработат и сезонски работници од Пакистан и од Индија.
Во Хрватска привлечни плати и работа преку глава
И Хрватска за летово бара сезонски работни места. Се нуди работа во кафуле, во хотел или на плажа. Според огласите на работодавците од Хрватското приморје на социјалните мрежи, платите се прилично привлечни.
Еден оглас предизвика големо внимание на Фејсбук. Работодавецот бара угостителски работници „од различни профили“, кои би работеле во ресторани, кафулиња, слаткарници и пекари во областа Истра (Пула, Пореч, Ровињ), како и во Крк, Црес и Лошињ.
Ова се понудените плати за работни места:
Готвачи (1600 – 2200 евра)
Помошници готвачи (1200 – 1600 евра)
Пица мајстори (1500 – 2000 евра)
Мајстори за скара (1500 – 2000 евра)
Келнери во ресторан (1000 – 1500 евра)
Келнерки (1000 – 1200 евра)
Келнери во кафе (1000 – 1200 евра)
Шанкери (1200 -1500 евра)
Букери (1200 -1500 евра)
Домаќинки (900e – 1200 евра)
Во огласот пишува и дека се нудат пријавување, сместување, исхрана, за 3 до 6 месеци, односно од април до јуни. Секој со екс-ју пасош може да се пријави.
Годинава и Грците ќе мора да го одврзат ќесето
Грција годинава бара околу 30.000 сезонски работници. Грците и другите работници од земјите членки на Европската Унија не сакаат да работат во Грција, бидејќи платите се пониски од Шпанија, на пример. Во Шпанија платата е 1.600 евра за 5 дена работа во неделата по 8 часа дневно и тоа строго се почитува. Во Грција, пак, се добиваат 900 до 1.000 евра месечно, понекогаш за за 14 часа работа дневно и за 30 дена месечно за најбараните професии.
Според упатените на пазарот на сезонска работна сила во Грција, собарка може да добие заработи од 800 до 1.300 евра месечно, спасител на базен 1.100 евра, келнер или шанкер од 1.600 до 1.700 евра, рецепционер од 1.200 до 1.400 евра, а искусен готвач од 2.500 до 2.600 евра.
Традиционално, во туристичките региони во Грција работа бараат и наоѓаат сезонци од Бугарија, од Србија и од Албанија, но се чини дека има место и за тие од Македонија.