Универзитетот Монаш во Мелбурн објави откритие на група научници кои посочуваат дека антителата спречуваат повторна инфекција најмалку осум месеци.
Нивната работа, објавена во списанието „Сајанс имунологија“, „е најсилниот доказ“ дека вакцините против коронавирус можат да бидат изводливо решение за здравствената криза. Претходните студии сугерираат дека антителата од Ковид-19 почнуваат да исчезнуваат за неколку недели или месеци. Сепак, новата австралиска студија покажува дека одредени клетки во имунолошкиот систем, наречени мемориски Б клетки, „запомнуваат“ вирусна инфекција и предизвикуваат заштитен имунолошки одговор со правење антитела во случај на повторно изложување.
Студијата испитала 25 пациенти со Ковид-19, земајќи 36 примероци на крв, почнувајќи од четвртиот ден по инфекцијата. Последните примероци беа земени 242 дена по инфекцијата. Научниците видоа дека бројот на антитела кои се борат против вирусот започна да опаѓа 20 дена по инфекцијата, но открија дека мемориските клетки специфични за вирусот Ковид-19 остануваат стабилни најмалку осум месеци.
Овие резултати се всушност добра вест за ефективноста на вакцината, што исто така дополнително објаснува зошто има толку малку нови примери на човечка повторна инфекција со коронавирус, рече вонреден професор Мено ван Зелм од Одделот за имунологија и патологија на универзитетот Монаш.