Во отворен разговор со Пирс Морган, Новак Ѓоковиќ зборуваше за многу интересни теми, а една од нив беше како познатиот тенисер би сакал да биде запаметен кога ќе почине.
„Би сакал на мојот надгробен споменик да пишува ‘човек кој ги допре срцата на луѓето’. Тоа е навистина важно за мене. Сакам да бидам запаметен како некој што секогаш играл фер и кој секогаш давал сè од себе“, рече Ѓоковиќ и додаде:
„Тенисот ми донесе гордост, но човечноста и сочувството се вредностите што сакам да ги оставам зад себе“.

Ѓоковиќ рече дека е горд на сите свои достигнувања во тенисот, но дека сцената што ја видел на погребот на Никола Пилиќ на крајот на септември му ги отворила очите.
„Мојот тенисерски татко, како што го нарекувам, почина пред нешто повеќе од еден месец, а јас бев на неговиот погреб. Тоа беше првиот погреб на кој некогаш сум бил. Мојот најголем впечаток од него, покрај неверојатната тага и емоциите што ги почувствував, беа човечките врски што ги остави зад себе и ги создаде во текот на целиот свој живот. Начинот на кој луѓето зборуваа за него беше нешто посебно. Не стануваше збор за тенисот и она што го постигна како играч или како тренер, туку за тоа кој беше како личност, како се однесуваше со луѓето, како ги менуваше животите на младите луѓе или на секој со кого беше близок. Така сакам да ме паметат“, рече Ѓоковиќ.
