Туристите огорчени од цените во Далмација: „Сè стана луксуз, Дубровник би го посрамотил Цирих“

by Тони Зографски

Објавата на еден странски турист на Редит предизвика голема дебата за цените на хрватскиот брег, откако го споредил патувањето низ Италија, Грција, Франција и Шпанија со престојот во Хрватска – кој, тврди тој, завршил со разочарување, пишува „Слободна Далмација“.

Како што наведува Хрватска била „последната, последователна станица“ на патувањето, но како што рекол искуството го обесхрабрило за идните посети.

„Цените на храната, пијалаците и сместувањето се неверојатни. Храната беше коректна, но значително полоша отколку во Италија или Франција, каде што поминавме далеку подобро за помалку пари“, напишал туристот.

Тој бил особено изненаден од цената на тестенините, кои, тврди тој, биле двојно поскапи во Хрватска отколку во Италија, иако „ни приближно не се со ист квалитет“.

Цените на пијалаците не останале незабележани. Коктелите, вели тој, често надминуваат 17 евра, додека чаша домашно вино со оброк се движи помеѓу 9 и 10 евра за како што вели, „многу мала количина“.

„Убава земја, но премногу скапа“

И покрај критиките, авторот на објавата нагласил дека му се допаѓа Хрватска како земја, особено луѓето.

„Хрватите се исклучително љубезни и тоа е најдобриот дел од искуството. Дури се добива впечаток дека и самите локални жители се незадоволни од цените“, вели тој.

Додал и дека едно лице му кажало дека министерот за туризам ги предупредил и угостителите за неконтролираното зголемување на цените.

Споредба со Италија и Швајцарија

Туристот особено истакнал дека бил изненаден од цените во Сплит и Корчула во споредба со другите европски дестинации.

„Сплит и Корчула се поскапи од Фиренца, а Дубровник би го посрамотил Цирих“, напишал тој.

Дебата: луксуз или претерување?

Објавата поттикна дискусија меѓу корисниците, каде што некои се согласуваат со критиките за зголемувањето на цените во туристичките центри, додека други истакнуваат дека ваквите споредби често се поедноставени и дека цените варираат во зависност од локацијата, сезоната и изборот на угостителски објекти.

Во коментарите под објавата, се разви широка дискусија за причините за зголемувањето на цените.

Еден корисник истакнал дека Хрватска има една од највисоките стапки на инфлација во Европа, особено меѓу туристичките земји и дека преминот кон еврото дополнително ја влошило ситуацијата.

„Да бидеш поскап од Швајцарија ја надминува обичната инфлација“, се наведува во коментарот, тврдејќи дека цените во туризмот „излегле од контрола“.

Друг коментатор отишол чекор понатаму и тврдел дека „Хрватска има проблем со туристички измами со децении“, потсетувајќи на ситуацијата од пред 20 години кога, како што наведува, во некои ресторани рибата била погрешно мерена и наплатена повеќе отколку што всушност тежела.

Сепак, истиот корисник додал дека сè уште има „прекрасни места и помали градови што ги посетуваат локалното население и гостите од соседните земји“.

„Некогаш прифатлива дестинација, сега луксуз“

Неколку коментатори се осврнале на промените низ годините.

Еден корисник кој има семејни врски со Хрватска напишал дека во неговото детство земјата била достапна за средната класа, додека во 2017 година сè уште била „скапа, но поднослива“.

Меѓутоа, тој го опишал враќањето во 2024 година како шок:

Цените станаа смешни. Дури и летовите се дуплирани. Едно мало гратче надвор од Шибеник сега има огромни нови ресорти. Никогаш порано не сум видел таков развој на толку мали места“.

Тој додал и носталгична порака:

„Сега сè е премногу преполно, премногу метеж и премногу скапо. Жал ми е затоа што никогаш повеќе нема да ја доживеам Хрватска што ја имав во моето детство“.

„Пред Ковид беше сосема поинаку“

Некои корисници веруваат дека пресвртницата била пандемијата и воведувањето на еврото.

„Пред Ковид, тоа беше поинаква димензија. По пандемијата и воведувањето на еврото, цените скокнаа нагло“, напишал еден корисник.

Во истиот коментар се споменува падот на квалитетот на храната:

„Храната порано беше со многу висок квалитет, сега е полошо. Има сè помалку домашни производи во продавниците“.

останати вести