На 58-годишна возраст во Скопје почина поранешниот претседател на Одбојкарската федерација на Македонија, Марјан Јованов – Мане.
Јованов, во јавноста познат како Мане Левис, е пронајден мртов во дворот од неговиот дом во скопската населба Карпош, потврдија од Министерството за внатрешни работи.
Јованов беше познат бизнисмен и дистрибутер на брендот „Левис“ во Македонија, а во јавноста беше познат и како еден од обвинетите во предметот „Шпански скали“.
„На 28.06.2026 во 18:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Карпош, во базен во двор од куќа, бил пронајден починат М.Ј.(58) од Скопје. Од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Извршен е увид, а по насоки од јавен обвинител телото на починатиот е предадено во Судска медицина за обдукција“, велат од МВР.
Причините за смртта засега не се познати и ќе бидат утврдени по извршената обдукција. Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.
