Поранешна продуцентка на „Фокс њуз“ е пронајдена мртва во својот дом

by Тони Зографски

Поранешна продуцентка во телевизиската мрежа „Фокс њуз“, Џенифер Екхарт, починала на 36-годишна возраст, потврдија американските власти.

Екхарт била пронајдена мртва во својот дом во Флорида во саботата наутро, на 19 септември, според извештајот на Канцеларијата на шерифот на округот Мартин, до кој дошол „Пипл“.

„Утврдено е дека станува збор за самоубиство“, изјави портпаролката на канцеларијата, Кристин Кристофек.

Екхарт седум години работеше во телевизиската мрежа „Фокс“, меѓу другото и како помошник-продуцент во „Фокс бизнис“.

Во 2020 година го обвини Ед Хенри за силување

Нејзиното име се најде во јавноста во 2020 година, кога поднесе тужба против тогашниот водител на „Фокс њуз“, Ед Хенри, обвинувајќи го за силување и сексуална злоупотреба.

Екхарт во тужбата тврдеше дека Хенри ја силувал и дека по нападот останала повредена и со модринки. Таа тврдеше и дека тој барал од неа да биде негова „сексуална робинка“, ѝ се заканувал со одмазда доколку не ги исполни неговите сексуални барања и ја фотографирал за, како што навела, потенцијално да може да ја уценува и да ѝ ја уништи кариерата.

Хенри ги негираше обвинувањата.

„Фокс њуз“ во тоа време соопшти дека презел брзи мерки откако дознал за тврдењата на Екхарт и дека Хенри повеќе не е вработен во телевизиската мрежа. Компанијата подоцна беше отстранета како обвинета страна во постапката.

Екхарт и Хенри во 2025 година постигнаа спогодба, со што беше завршена петгодишната правна битка.

„Ова беше исцрпувачка и повторно трауматизирачка петгодишна правна битка, со неверојатни предизвици кои понекогаш чувствував дека не можам да ги издржам“, изјави Екхарт по постигнувањето на спогодбата.

Таа тогаш рече дека чувствува како „товар да ѝ е тргнат од рамената“ и дека повторно има желба да им помага на луѓето кои преживеале траума.

Болката ја претвори во мисија да им помага на другите

По напуштањето на телевизијата, Екхарт ја основа непрофитната организација „Де Риинвентед Проџект“, чија цел е да им помага на луѓето што преживеале траума преку терапија со помош на животни.

Таа го започна и поткастот „Риинвентед со Џен Екхарт“, со намера, како што велеше, „да им даде глас на оние кои немаат глас“. Меѓу нејзините гости беше и музичарот Били Корган, кој зборуваше за меѓугенерациската траума.

„Ја претворив болката во цел“, рече Екхарт во една од своите изјави.

Нејзината последна објава на Инстаграм била објавена на 1 јуни. Во неа таа напишала дека работи на нови проекти што со нетрпение очекува да ги сподели со своите следбеници.

останати вести